Во Унијата – на свети никогаш!
Македонија никогаш не се спротивстави на овие негаторски политики. Напротив, на крајно непринципиелен начин, цело време голташе сѐ поголеми кнедли. Не покажа дека никој не може, и не смее, да си игра со иднината на македонскиот народ. Последниве седум години се катастрофални.
Чиста бесмислица е Македонија да го менува Уставот заради влез во ЕУ. Унијата уште долго нема да се проширува, а на ист начин како до сега – можеби и никогаш повеќе. Такво нешто нема на видик, иако челниците на Унијата постојано верглаат на таа тема. Се бара начин како да се згрижат останатите шест балкански, и некои други земји, ама без да станат рамноправни членки.
Дека е сето ова точно, вчера ни потврди никој друг туку францускиот претседател, Макрон, којшто, во недостаток на соодветен германски колега, самиот е водач на Унијата. Рече: „Ризикот е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членови, нема да биде полесно. Треба да се размислува за Унија со повеќе брзини“. Практично, Макрон стави крај на проширувањето. Ќе биде – на свети никогаш!
Исто така вчера (28/8/2023), на форум во Блед, претседателот на ЕУ (на Европскиот совет), Мишел, без да трепне, излажа дека – „Унијата мора да биде спремна за проширување во 2030 година“! Тоа не го обврзува бидејќи следната година ќе има избори во Унијата и по нив, тој ќе биде добро платен пензионер. Со празното ветување, им помага на некадарните лидери во земјите кандидати, ама ги остави во небрано Црна Гора и Србија, коишто преговараат веќе 10 години.
За нас, пак, клучно е да се сфати дека со сегашната преговарачка рамка, НЕМА НИКОГАШ ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО УНИЈАТА! Таа е така формулирана, со сите крајно максималистички бугарски небулози, што не остава ни теоретски можности да го пробиеме патот до Брисел. Радев јасно ни порача дека уставните промени се само ситница на патот кон ЕУ. Сопките ќе бидат секојдневни, од разни страни.
Македонија е доведена во тунел без излез, и решението мораме да го бараме сами. Тоа што ни се нуди е срамно, понижувачко и самоуништувачко. Кога длабински ќе се анализираат очигледните факти, повеќе е од јасно дека Бугарија нема никогаш да дозволи наше членство, сѐ додека целосно не се откажеме од македонизмот. Поточно, од самите себе. Впрочем, тоа и не го кријат. Потребни ни се радикални промени и целосен пресврт во нашето дипломатско однесување. Излезот е можен само со откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија и понижувачките протоколи, коишто следуваа. Тие се главниот столб на небиднината со којашто сме соочени.
Единствен начин, за надминување на оваа катастрофална ситуација, е да го срушиме тој столб. Само така ќе отвориме нова и реална процедура за евентуално членство во Унијата, или за тоа што ќе се понуди како алтернатива. Неспорно е дека сите ќе бидат против нас, дека Бугарија ќе дивее, ама истото го правеше таа и до сега, а ќе го прави и понатака. А, ако не ја земеме судбината во наши раце, македонскиот народ ќе заврши на ѓубриштето од историјата.
Неодамна, токму за Илинден, Софија отворено и безобразно го присвојуваше Илинденското востание. Најново е дека и браќата Миладиновци биле чисти Бугари. Ако веднаш не покажеме заби, нивната листа само ќе се проширува. Безмилосно ќе продолжат да нѐ притискаат со ултиматуми и уцени, како и до сега – ако сакате во ЕУ, мора да прифатите дека вашето потекло е бугарско. Во спротивно, патот кон Брисел ќе ви биде затворен. Имаат и основа за тоа. Со вториот протокол, преку заедничката историја, ама и со бројни други поразителни формулации, ние сето тоа го прифативме. А Софија, сите наши мизерии ги реализира во пракса.
Изборот е наш. Ако веќе сме потпишале, мораме и да отпишеме. Трето – нема. Инаку, отидовме јабана. Со оглед дека проширување уште долго нема да има, имаме време за да ги исправиме сите сопствени глупости и капитулации.
Унијата е во сериозна криза. Најдобар доказ за тоа е прекинатото проширување. Од првите шест, во 1958, за 37 години, до 1995, ЕУ стигна само до 15 членки. Арно ама, за три години, во 2004 и во 2007, беа примени 12 нови, плус Хрватска во 2013. Тоа беше златниот период на Унијата. Приемот на Бугарија и Романија (2007) се покажа како преран, со сите последици коишто следуваа и ќе траат.
Тоа создаде отпор кон проширувањето. Веќе 10 години нема нови членки. Созреа и оценката дека Унијата мора прво да се реформира, и тоа длабински, што е процес којшто неизбежно долго ќе трае. Можеби 10 и повеќе години. Ќе се реформираат основните права на членките, и брзи промени не се реални.
Се размислува за некаква „втора лига“, каде „новите“ не би имале свои комесари, право на вето… туку само економски права. Европската политичка заедница, пак, ќе ја компензира политичката димензија, како празен дебатен клуб.
И премиерот на Унијата, Фон дер Лајен, на безбедносната конференција во Братислава (јуни, 2023) доволно јасно кажа дека нови членки – нема да има! Објасни дека, како замена, имаат „развоен план“ од четири столба: Балканот да биде донесен поблиску до единствениот европски пазар; да се продлабочи регионалната економска интеграција; да се забрзаат фундаменталните реформи; и да се подотворат фондовите на Унијата.
Проширувањето не го ни спомна! Намерата е да фрлат некое ситно морковче, ама без членство. Нудат повеќе „заеднички пазар“, за стоките коишто ги немаме, а тоа е и соочување со конкуренцијата, којашто тешко ќе ја издржиме. Ќе пружат повеќе од ИПА фондовите, а немаме капацитети за нивна апсорпција. Огромните структурални фондови, пак, и понатака нема да ни бидат достапни. Тие се за на крајот од преговорите за членство. Демек, по 20, 30… и повеќе години.
ЕУ не е беспрекорна организација. Во Брисел има политиканство, двојни стандарди, непринципиелности, тежок бирократизам, неефикасност, непотребна зависност од Вашингтон… Сепак, тоа е одличен пример на соработка, голем пазар, развој, помош, решавање на проблемите…
Македонија треба да прави сѐ што е во рамките на можното, ама и нормалното, за да се приклучи во ЕУ или на тоа што ќе се понуди. Тоа не е спорно. Меѓутоа, стриктно мораме да следиме што се случува во Унијата, да го чуваме своето достоинство, и да не удираме со глава во ѕид, како со бесмислените уставни промени. Максимално мораме да бидеме внимателни, особено со оглед на начинот на кој Брисел нѐ третираше до сега. Да не забораваме дека така е од самиот почеток, што значи дека ништо не е случајно.
Да не се залажуваме дека името ни го смени Грција, или дека Бугарија национално нѐ обезличува. Ноторна вистина е дека зад сето тоа се кријат интересите на САД, следени од ЕУ.
Не смееме да забораваме дека, на патот на меѓународното етаблирање, по распадот на Југославија, независна Македонија наиде на жесток меѓународен бојкот. Веднаш започнаа невидени активности и мерки за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Поточно – за бришење на македонскиот народ. Истата политика продолжува цело време, 30 години, а сега и – финализира.
Македонија никогаш не се спротивстави на овие негаторски политики. Напротив, на крајно непринципиелен начин, цело време голташе сѐ поголеми кнедли. Не покажа дека никој не може, и не смее, да си игра со иднината на македонскиот народ. Последниве седум години се катастрофални.
Во Брисел не се стигнува со ултимативно менување на уставот, со виткање на ‘рбетот, со прифаќање на нелегални и понижувачки диктати, услови, дури и уцени, со капитулантска психологија… Тоа е целосно погрешен пристап, којшто води во неповрат. Мораме да ги откажеме понижувачките документи коишто сме ги потпишале, коишто срамно нѐ обврзуваат на неприфатливи нешта, и да тргнеме по нова патека. Друг избор немаме.
Балканските кандидати, нема да може да избираат околу членството. Унијата ќе ги стави пред свршен чин во некаква „втора лига“. Тоа е повод да се активираат сите наши дипломатски капацитети, да се следи што се случува и да се избориме за нашите долгорочни интереси. Со главите горе, да ги постигнеме нашите цели. Ги имаме сите услови и, во целина, од нас зависи дали ќе го постигнеме максимумот.