На автопатот Гевгелија – Скопје, вчера околу 5.40 часот, мото-патрола од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин „Богородица“ во товарно возило „ман“ пронашла 142 мигранти.
– Мото-патролата забележала товарно возило „ман“, со бугарска регистарска ознака, и приклучно возило, со македонска регистарска ознака, како се движи со голема брзина и се упатила кон него со цел да го запре и контролира. Возилото не застанало и се упатило по стариот пат од с.Милетково кон с.Габрово и набргу потоа возачот го сопрел возилото. При преглед во возилото биле пронајдени 142 мигранти. Тие биле приведени во Полициската станица за граничен надзор и граничен премин „Богородица“, соопшти МВР.
Увид бил извршен, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Mигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ – Гевгелија за понатамошна постапка.