Помали реки низ дел од тетовските села се излеаа од своите корита поради долготрајните врнежи од дожд, а за среќа немаат предизвикано поголеми поплави и штети. Такви се примерите со реките во Камењане, Порој, Речица и Фалише.
– Континуираните врнежи од дожд предизвикаа проблеми на патиштата што се покрај реките како што е во Камењане. Денес, Општина Боговина направи чистење на овој пат во оваа населба за да можат возилата да се движат без потешкотии. Чистењето ќе продолжи и во другите делови на улиците или селата, каде што е потребно – изјави градоначалникот на Боговиње, Албон Џемаили.
– Со оглед на излевање на реките во Порој, Речица и Фалише од утринава вработените од секторот за комунални дејности работат на отстранување на штетите предизвикани од излевање на водите од реките во атарите на трите села – информираа од Општина Тетово.
Во горниот тек на реката Вардар во Општина Јегуновце водостојот се зголемил за 114 сантиметри, па соостојбата е критична и пред излевање. Според мештаните уште малку дожд ако врне ќе има нова поплава.
– По нивите подвира вода, излегува на површината односно не се впива во земјиштето. Уште 15-20 сантиметри и може Вардар да излезе од корито – вели Горан Китановски од месната заедница на Раотинце.
Мештаните потенцираат на долгогодишниот проблем со неуреденото корито на реката Вардар како причина за поплавување.
– Коритото не е како што треба, уште малку ако има вода земјиштето ќе оди под вода. Потребни се два три дена врнежи и ќе надојде водата – изјави Ѕвонко, жител на Раотинце.
– Има многу дрвја паднати во Вардар кај Радуша меѓудругото, па и затоа нема проток не оди водата надоле. Пред две години имаше поплава – изјави Илија од Раотинце.
Голем водостој бележи и реката Пена во Тетово.