ВО ТЕСТ ПЕРИОДОТ НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ПОВРЕДЕНИ ВО СООБРАЌАЈКИ Македонија има најлош просек на жртви во Европа
Тошковски посочи дека во Хрватска просечно годишно гинат 65 лица на минумим милион жители, во Словенија околу 55, Германија и Австрија околу 40-45, Шведска, Данска, Норвешка (скандинавските земји) е околу 20.
Мора да се почне со имплементација на проектот „Безбеден град“, ќе ги решаваме сите проблеми, кои ќе произлезат во иднина. Имаме 145 жртви годишно, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски од собраниската говорница во одговор на прашање од пратеникот Илир Хасани од Европскиот фронт, кој како лекар-траумотолог даде поддршка за имплементација на овој проект, со неколку забелешки од граѓаните.
– Се согласувам со критиката дека доцна го почнуваме овој проект. Апсолутно се согласувам, поради тоа што компаративно гледано, скоро секоја земја членка на ЕУ веќе длабоко го има имплементирано, која пред 10, која пред 15, па и повеќе години, а ние доцниме. Но, не доцниме месец-два, доцниме најмалку 10 години во имплементацијата на овој систем – рече Тошковски.
Министерот потенцираше дека за овој тест период од 15-16 дена лекарите констатирале дека е намален бројот на лицата со тешки телесни повреди кои учествувале во сообраќајни несреќи.
– Особено имајќи предвид дека просекот во Македонија за жал последниве 15 години е 145 лица, наши луѓе, наши граѓани, наши комшии, наши пријатели, членови на фамилии итн., коишто сме ги изгубиле. Вие тоа и од лично искуство го знаете, просекот е 145 и можеби сме најлоши во Европа. Очекувам поддршка од секој пратеник во ова Собрание, без разлика дали доаѓа од редовите на власта или од опозицијата поради тоа што во имплементацијата на овој проект нема политика. Во имплементацијата на овој проект нема Албанци, нема Македонци, нема професори, нема доктори, нема адвокати, нема земјоделци. Во имплементацијата на овој проект говориме за спасување на човечки животи, кои ги губиме секојдневно најмногу во Европа – додаде Тошковски.
Тој посочи дека во Хрватска просечно годишно гинат 65 лица на минумим милион жители, во Словенија околу 55, Германија и Австрија околу 40-45, Шведска, Данска, Норвешка (скандинавските земји) е околу 20.
– Катастрофа сме, што треба да направиме, треба да почнеме, каде треба да почнеме, овде треба да почнеме. Собранието треба да ги донесе сите оние закони, коишто денеска поминаа, се надевам дека ќе дадете максимална поддршка. Дали негде ќе згрешиме? Да. Дали нешто можеме да го подобриме во иднина? Да. Ама мислам дека мора да се сложите дека мора да почнеме, ќе ги решаваме сите проблеми кои ќе произлезат во иднина. Мора да почнеме, имаме 145 жртви – посочи Тошковски.
Пратеникот Хасани истакна дека се увидени неколку слабости во текот на тест периодот, а тоа е стигнување опомена или казна за возење на 51 километар на час, потоа дел од граѓаните немаат мобилни телефони или мејл адреси за да им пристигнуваат казните, како и дека примената е само во неколку градови, а не и во останатите. Но, како лекар трауматолог ја даде поддршката за носење и имплементација на проектот „Безбеден град“.