Во Теново проработи и втора фотоволтаична централа со моќност од 1,2 мегавати

Вкупната вредност за изградба на овој парк од три фотоволтаици изнесува 1,6 милион евра.

710

Втората фотоволтаична централа со моќност од 1,2 мегавата, која е дел од триделниот фотоволтаичен парк со 2,2 мегавати, денеска беше пуштена во употреба во селото Теново во Општина Брвеница. Таа е една од вкупно 27 централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост на јавниот повик што беше објавен во 2019 година.

Првата централа од 0,6 мегавати, како што истакна инвеститорот Владе Самарџиевски од „Енергоер груп“,  веќе работи неколку години, а третата од 0,4 мегавати е веќе изградена и е подготвена за технички преглед. Трите централи се изградени на вкупна површина од 20 илјади квадратни метри, неплодно и некорисно земјиште кое е откупено од државата, каде се поставени 6.170 фотоволтаични панели со различен капацитет и три трафостаници. Вкупната вредност за изградба на овој парк изнесува 1,6 милион евра.






– Трите централи ќе дадат вкупно производство од околу 3,1 гигават часови што би ја задоволиле потрошувачката на електрична енергија за приближно околу 450 станови и домаќинства. Горди сме што централите ги изградивме во најкраток рок на тежок и непристапен терен на неупотребливо земјиште за други намени. Се надевам дека ова ќе биде добар пример и поттик за нови инвестиции во зелена енергија како на фирмите, така и на Владата – рече Самарџиевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека ова е четвртата фотонапонска централа која се гради на приватно земјиште во нашата држава и потсети дека во 2017 година Владата го смени моделот и наместо фидин, сега нуди премиум тарифи за нивна изградба.

– Во континуитет се градат и другите локации и кон крајот на годинава ќе има над 10 фотонапонски централи кои ќе бидат изградени на приватно земјиште. Ако ги вклучиме и фотонапонските централи кои се градат на државно земјиште согласно првиот тендер преку јавно приватно партнерство и го објавивме за две години, иако во договорите е предвидено да се градат за три години, ќе имаме вкупна инсталирана моќност од над 60 мегавати со што за три години го надминуваме целосниот капацитет за трипати повеќе отколку што беше изградено до 2017 кога не надминуваше повеќе од 20 мегавати – рече Бектеши.

Бектеши соопшти дека преку јавни претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост се се во финални преговори за дополнителни капацитети кои ќе надминат над 300 мегавати инсталиран капацитет во нашата држава само од фотонапонските централи, истакна Бектеши.

Премиерот Зоран Заев посочи дека за новите 60 мегавати фотонапонски централи што се градат по принципот на јавно приватно партнерство премиумите што ги доделува државата ја чинат 450 илјади евра годишно, а наплатила три милиони евра од инвеститорите за нивната изградба.

Тој информира  дека веќе завршил и огласот за изградба на 100 мегавати фотонапонски централи на местото на поранешниот рудник во Осломеј и оти локациите од по 50 мегавати ги добиле една турска и една бугарска компанија кои наместо предвидените 10 проценти од приходите за ЕСМ понудиле 18,5 отсто – турската и 18 отсто бугарската. Во завршна фаза е, додаде, и изградбата на 10 мегаватната фотонапонска централа во Осломеј што ја инвестира АД ЕСМ.

Заев додаде дека и на локацијата од 477 хектари во Штип каде што требаше да се гради транспортен аеродром сега се предвидува да се градат фотоволтаични централи со инсталирана моќ од 300 до 350 мегавати, во Битола треба да се градат 120 мегавати, во Кавадарци 100 мегавати, а веќе изградени има во Кочани 8 мегавати и две од по 15 мегавати во Дебрца.

– Дадени се и три лиценци на приватни компании за изградба на ветерни електрани во Богданци, Демир Капија и Свети Николе со вкупна инсталирана моќ од околу 100 мегавати, а интерес за изградба на ветерен парк од околу 400 мегавати во вредност од 520 милиони евра во Старо Нагоричане искажа и германската компанија WPD. Со тоа земјава е лидер во регионот во обновливите извори на енергија кои за една година ги има зголемено за 10,1 отсто, а просекот на развиените земји е 10,3 отсто – рече Заев.

Премиерот најави дека очекува во јуни успешно да заврши и повикот за изградба на хидроцентралата Чебрен во вредност од 600 до 800 милиони евра со инсталирана моќ од 300 до 330 мегавати по пат на јавно приватно партнерство и додаде дека првата фаза од 10-те пријавени ја поминале девет заинтересирани компании и конзорциуми.

Поврзани содржини