ВО ТЕК Е ПРЕСАДУВАЊЕ НА СРЦЕ И БУБРЕЗИ Органите ги донира 42-годишна пациентка
Почнувајќи од мај 2020 досега извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво.
Утрово на клиниките за кардиохирургија и урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор, соопшти Министерството за здравство.
„По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези на 42-годишна пациентка која ја загуби битката со животот, а нејзина последна желба беше да ги донира своите органи. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-тина години кои се на дијализа“, соопшти Министерството.
Почнувајќи од мај 2020 досега извршени се експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрега, 1 коскено ткиво.
– На моите колеги од КАРИЛ, Клиниката за каридохирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за нефрологија, Институтот за трансфузиона медицина и Институтот за радиологија, им посакувам успешна работа, рече министерот за здравство д-р Венко Филипче.
Тој и целиот медицински тим, Министерството за здравство изразуваат сочувство до семејството на 42-годишната пациентка и неизмерна благодарност за нивната хуманост и добрина.