ВО ТАЈНА ПОСТАПКА И БЕЗ ПРАВО НА ОДГОВОР, ЗНМ ПРЕСУДИ ДЕКА ГЕРОСКИ ГО ПРЕКРШИЛ НОВИНАРСКИОТ КОДЕКС Ова е кафкијански процес и цензорски притсок, вели новинарот

Одлучувајќи по претставка од СДСМ, Советот на честа на новинарското здружение во колумната на Героски констатирал повеќе прекршувања на членови од Кодексот на новинарите на Македонија. Новинарот Героски вели дека, според статутот на ЗНМ, Советот на честа требало прво да го информира, а потоа и да му даде можност да одговори на претставката, што не е сторено.

1

Советот на честа при ЗНМ констатирал дека новинарот Бранко Героски го прекршил Кодексот на новинарите со, како што наведуваат, навредите кон претседателот на СДСМ Венко Филипче изнесени во текстот „Извини Филипче, ама ти или си будала, или некој опасно те брлави – не ти кажа Зоќе да не се закачаш со мене?!!“ објавен на порталот Плусинфо.

Оваа информација ја сподели СДСМ денеска преку соопштение.






„Ова е пример за тоа како се злоупотребуваат одредени медиуми за лична пресметка со претседателот Филипче, како се води интензивна црна кампања против Филипче и СДСМ полна со навреди, говор на омраза, вербална агресија целосно спротивно на начелата на професионално новинарство“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Советот на честа при ЗНМ наведува дека во посочениот текст констатирал повеќе прекршувања на членови од Кодексот на новинарите на Македонија.

Во текстот се користи навредлив, агресивен и заканувачки речник насочен кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со јасни елементи на лична пресметка, омаловажување и вербална агресија, што е неспојливо со основните начела на професионалното и етичко новинарство“ – се вели во одлуката која е објавена на веб-страницата на ЗНМ.

Уредникот Бранко Героски вели дека не бил известен за претставката од СДСМ доставена до Советот на честа на ЗНМ, ниту за расправата што ја водело ова тело, а за одлуката дознал од медиумите.

„Членот 10 од Правилникот за работа на Советот на честа на ЗНМ вели: Ако оцени дека има потреба за тоа, Советот на честа го доставува барањето лично до членот против кој истото е поднесено. Членот, на барање на Советот на честа, може писмено да одговори на наводите

во барањето или да даде усна изјава со записник во рок од 8 дена од добивањето на барањето. Заедно со одговорот на барањето членот ги доставува сите докази со кои ги побива наводите во барањето, ако се оспоруваат факти. Во сите случаи Советот на честа одлучува врз основа на доставената пријава, новинарскиот производ на кој се однесува, а се во согласно со прифатените стандарди во етичкиот кодекс.

Јас сум член на ЗНМ повеќе од 40 години, подолго од претседателот и веројатно подолго од сите членови на Советот на честа. Најмалку поради тој факт, сметам дека ова тело можеше да ме удостои со информација дека е поднесена претставка од СДСМ за оценка на оспорениот напис и да ми овозможи да одговорам на претставката и да ги изложам своите аргументи, во кои ќе се повикав на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што имам напишано многу статии.

Членот 3 на Правилникот вели дека седницата на Советот на честа не е јавна, но на неа може да присуствува членот, односно членовите чие поведение е предмет на постапување”. Дополнително, во делот Претходна постапка, членот 16 од Правилникот вели: На расправата се покануваат подносителот на барањето и членот. Ако учесниците од став 1 на овој член кои се уредно поканети не дојдат, а изостанокот не го оправдаат, расправата ќе се одржи.

Не ми е јасно зошто не сум известен и поканет да присуствувам на расправата на која Советот на честа одлучувал за претставката на СДСМ, кога за тоа постои можност во Правилникот. Зошто сум осуден во тајна постапка? Дали така било постапено по барање на подносителот на претставката? Кој тоа се исплашил да ме повика на расправата на која се дебатирало и се одлучувало за мојот напис и за моето наводно неетичко поведение? Има ли Советот на честа етичка и колегијална обврска да ја слушне другата страна, страната на новинарот против кого е поднесена постапката?

Жал ми е што одлуката на Советот на честа е донесена во постапка во која не се почитувани неколку члена на Правилникот за работа на ова тело, очигледно со цел да не ми се овозможи да ја изложам својата одбрана и аргументација. Таква тајна и нефер постапка не може да произведе валидна, туку само неправедна, неетичка и срамна одлука.

Јас сум под впечаток дека ова тело дејствувало под силен притисок на СДСМ и ја исполнило желбата на таа партија да се обиде да го наруши мојот професионален углед и кредибилитет и да ме замолчи. Се разбира, тој обид нема да успее и ќе остане во аналите на серијата цензорски притисоци на таа партија врз мене, кои потекнуваат уште од времето на Зоран Заев и еве, продолжуваат и денес. Тажно е тоа што во таа валкана работа се вклучил и Советот на честа на ЗНМ, но тоа е тоа – секој постапува според сопствената совест и чест, па истото важи и за членовите на ова тело.

На членовите на Советот на честа на ЗНМ и на раководните луѓе во Здружението им порачувам дека новната постапка ме растажува, но не им се лутам. Не знам кои биле мотивите да ме осудат” вака, во една кафкијанска постапка, но тие самите најдобро си знаат. Се надевам дека во иднина, особено кога претставки против ќе поднесуваат политички партии, ќе ги удостоен своите колеги барем со правото на одбрана. Кое мене брутално ми беше ускратено, се вели во изјавата на Бранко Героски.

Поврзани содржини