ВО СТРУМИЦА СЕ ПОДИГА ПАРК ЗА РЕКРЕАЦИЈА НА 12.712 КВАДРАТИ За Перински локалниот развој не е политика, туку одговорност кон граѓаните

Со проектот се воспоставува современ парк со урбана опрема, пешачки патеки, мал отворен амфитеатар за деца и со фотоволтаичен систем за енергетска ефикасност.

287

Сите градоначалници ќе го добијат новиот прирачник „Патоказ за ефикасно локално управување“, кој ќе им помогне во првоте месеци од мандатот, рече денеска министерот за локална самоуправа, кој ја посети Струмица во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“.

Перински и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков и претставници на Советот на општината разговараа за клучните активности на Министерството, тековните и идните развојни проекти на општината, како и за можностите за поддршка со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.






За новиот прирачник, кој е подготвен во рамки на воспоставениот Ресурсен центар министерот истакна дека е практичен документ, со јасни чекори и насоки за полесно и поефикасно водење на клучните процеси во општините.

Во врска со распределбата на парите за проекти Перински нагласи дека Владата се води исклучиво врз основа на реалните потреби на граѓаните, а не врз политичка припадност на градоначалниците.

– Преку потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините, Струмица доби 12 проекти во вкупна вредност од 335.482.797 денари (5,5 милиони евра) – рече Перински.

 

Перински изврши увид на реализацијата на проектот за позелен пограниен регион, чија цел е да се намали загадувањето на воздухот и да се подобри урбаното живеење. Дел е од првиот повик на програмата ИПА 3 за прекугранична соработка меѓу Македонија и  Бугарија. Вкупната вредност на проектот за Општина Струмица изнесува 391.918 евра, од кои 15% се кофинансирани од Министерството за локална самоуправа.

Со проектот се воспоставува нов зелен јавен простор со вкупна површина од 12.712 квадратни метри, со современ парк за рекреација, урбана опрема, пешачки патеки, мал отворен амфитеатар за деца и со фотоволтаичен систем за енергетска ефикасност.

– Ова е само почеток. Во наредните месеци ќе продолжиме со ваков тип активности што создаваат квалитетни јавни простори, зеленило и инфраструктура во сите делови на градот и населените места – рече градоначалникот Јанков.

Поврзани содржини