Во Србија денеска се очекува да пристигнат уште 19.500 дози вакцини од „Фајзер/Бионтек“, изјави државниот секретар на Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек по средба на членовите на Националниот тим за координација за имунизација со министерот за здравство Златибор Лончар.
– До крајот на неделава планираме да вакцинираме околу 11.000 лица, со тоа што половина од вакцините се доделени на здравствени работници, а половина на геронтолошки центри и институции за социјална заштита – изјави Ѓерлек.
Имунизацијата на здравствените работници започнува утре, почнувајќи од единиците за интензивна нега, приемните тријажни центри и од ковид-болниците.
Ѓерлек кажа дека во текот на оваа недела ќе се искористат и 2.400 дози од руската вакцина „Спутник V“ и дека еден дел од таа вакцина најверојатно веќе од утре ќе биде пуштен во употреба.
– Планот е во првата фаза да се вакцинираат околу 720.000 лица. Покрај здравствените работници, тука се и корисниците на геронтолошките центри и институциите за социјална заштита, потоа повозрасните од 75 години, граѓаните на возраст од 64 до 74 години кои имаат хронични болести – објасни Ѓерлек.
Првата фаза на вакцинација ќе зависи од количеството вакцини што ќе пристигнат во Србија.
– Премиерката Ана Брнабиќ најави дека во јануари ќе пристигнат околу еден милион дози вакцини, но мислам дека ќе пристигнат и повеќе од тоа – рече Ѓерлек, додавајќи дека здравствените работници кои работат во црвените зони ќе бидат вакцинирани во ковид-болниците, корисниците на домовите за стари лица во домовите, а другите пунктови најверојатно ќе бидат во здравствените домови.