ВО СРБИЈА БАКШИШОТ ЌЕ СТАНЕ ЗАДОЛЖИТЕЛЕН Предлогот на угостителите е да изнесува 10 отсто од сметката
Во САД бакшишот е задолжителен и достигнува една четвртина од сметката, а во Велика Британија се движи од 10 до 15 отсто.
Србија наскоро може да го озакони бакшишот што го даваат гостите во угостителски објекти по примерот на други земји. Тоа неодамна го најави и министерот за финансии на Србија Синиша Мали, а го поддржува и Асоцијацијата на хотелиери и угостители „Хорс“.
Според сегашниот закон, инспекторите строго го казнуваат секој вишок готовина што ќе го најдат во касата на келнерот или паричникот. Моментално „великодушноста“ на гостите е прашање на нивна добра волја, а износот оди на контото на келнерот, доколку влезе во сметката тогаш би била задолжителна и не се знае дали овој дел би одел на сметка на вработените.
Деловната асоцијација на хотелиерството и угостителството „Хорс“ предлага бакшишот да се ограничи на 10 отсто од сметката и истиот да се регистрира на каса.
-Проблемот со даночниот третман и оданочувањето на бакшишот го оптоварува бизнисот на хотелиерите и рестораните во Србија долго време. Доколку даночната инспекција пронајде вишок пари кај вработените во врска со состојбата во касата, поднесува пријава против работодавачите за прекршоци за кои се закануваат драконски казни до два милиони динари за правни лица и до 500.000 динари за претприемачи. Им се изрекува времена мерка – забрана за вршење дејност најмалку 15 дена – вели претседателот на „Хорс“, Георги Генов.
Сепак, за проблемот се дискутира, но се споменува дека бакшишот може да се движи од 10 до 12 отсто од сметката. Се чини дека никој не ги прашува гостите, а сопствениците на угостителските објекти велат дека нема да ја намалат цената на нивните услуги, за сметка на бакшишот.
Угостителите моментално не знаат што ќе содржи законот, но велат дека најверојатно бакшишот не би требало да заврши на личната сметка на келнерот бидејќи за него тие ќе плаќаат даноци и придонеси. Тие најавуваат дека најверојатно за толку би им ја намалиле нивната плата.
Во САД бакшишот е задолжителен и достигнува една четвртина од сметката. Многумина го ставаат на сметката, но ако гостинот не е задоволен, може да даде помалку. Во Велика Британија, пак, бакшишот достигнува од 10 до 15 отсто од сметката, а кој не е задоволен – не мора да дава фунта.