ВО СПОМЕН НА ВАСИЛ КУНОСКИ Најмилиот автор на детски песни (ВИДЕО)
Кога децата треба да станат од спиење тогаш им се пее „Стани стани детенце“, а кога ќе здогледаат авион во небото, тогаш е „Авионче бело крило“. Потсетете се на вашиот омилен рефрен!
На 13 јуни во 1993 година почина Васил Куноски, писател за деца и автор на првиот македонски буквар. Песните кои ги остави Куноски се омилени меѓу децата од повеќе генерации во Македонија. И сега, како и пред 30 до 40 години, се пее за „едно маче шарено, шарено ем галено“ или за кучето Шарко кое „лае и за шега не знае“. Кога децата треба да станат од спиење тогаш им се пее „Стани стани детенце“, а кога ќе здогледаат авион во небото, тогаш е „авионче бело крило“ и многу други рефрени.
Погледнете ја следната мешавина од најдоби песни на Куноски која ја испеа хорот на „Златно Славејче“ во 2012 година, а во чест на 15 години „Златна Бубамара“:
Куноски е роден во Дебар на 20 ноември 1916 година. Го уредувал познатото списание „Детска радост“, а бил член на Друштвото на писателите на Македонија. Добил многу книжевни награди меѓу кои и „11 Октомври“ за животно дело во 1972 година.
Во продолжение неколку песни од Куноски. Многу од нив можете да ги најдете на неговата фејсбук фан-страница:
ЗАЈЧЕ БЕЗ ОПАВЧЕ
Бегал зајко низ трње,
Опашот го скинал,
Опашот го пронашол,
Ловецот што минал
Кој го најде опашот,
Зајко пратил вест,
Зелки ќе му подарам
Три пати по шест.
ЕШКО ТАРАЛЕШКО
Ешко таралешко,
Каде така брзаш,
Чекај ќе те фатам,
Веднаш ќе те врзам
Чекај ешко чекај,
Еве веќе ближам,
Ножици јас носам,
Боцки да ти стрижам
РОДЕНДЕН
Денес ми е роденден,
гости многу сакам,
ако некој не дојде
ќе ми биде мака.
Торта сама направив
и колачи имам,
денес ми е роденден,
гости цел ден примам.
Ај ве чекам, дојдете,
дојди и ти, Маро,
само, слушај, шепни ми:
носиш ли подарок?