ВО СЛУЧАЈ НА НАПАД, ДАНСКА САМА ЌЕ МОРА ДА ГО AKТИВИРА ЕУ-ШТИТОТ? Молкот на НАТО за Гренланд ја загрижува Европа

„Фајненшл тајмс“ пишува дека молкот на НАТО за изјавите на Трамп предизвикува длабока загриженост во европските престолнини. Од друга страна, во случај на анексија Данска ќе мора да поднесе барање за активирање на членот 42.7 од европската одбрана. Во меѓувреме, ЕУ размислува за санкции, додека неколку земји го развиваат проектот „Арктички сентинел“.

1,964

Европската Унија би можела да го заштити Гренланд само ако Данска официјално побара помош, предупреди европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус.

– Се согласувам со данскиот премиер дека тоа би било катастрофа за Алијансата и за луѓето на Гренланд – рече Кубилиус на конференција во Шведска предлагајќи да се формира европска војска од 100.000 војници.






Неговиот апел звучи како предупредување дека американско преземање на островот би значело крај на НАТО и почеток на нешто сосема ново во светската рамнотежа.

„Фајненшл тајмс“ пишува дека молкот на НАТО за изјавите на Трамп предизвикува длабока загриженост во европските престолнини. Алијансата не издаде ниту една официјална изјава за поддршка на територијалната целовитост на Данска и Гренланд, што ги засилува сомнежите во нејзината способност да реагира.

Дел од европските дипломати признаваат дека влијанието на САД во НАТО ја ограничува можноста за енергичен одговор. Ако САД навистина преземат дел од територијата на земја-членка на ЕУ, НАТО ќе се соочи со внатрешен судир без преседан.

Генсекот на НАТО Марк Руте во Загреб изјави дека главната грижа во НАТО е Арктикот да остане безбеден. Тој сепак го пофали Трамп за тоа што ги поттикнува земјите на НАТО да трошат значително повеќе во одбраната.

Европа бара формула за одговор

Брисел го разгледува активирањето на т.н. „трговска базука“, антипринудниот инструмент на ЕУ што би овозможил забрана на американски стоки.
Некои земји се двоумат. Се плашат од економски шок во време кога војната во Украина и трговските тензии со Вашингтон веќе ја тестираат европската издржливост.

Во исто време, Данска започна дипломатска офанзива во Вашингтон, обидувајќи се да го убеди дека договорот за одбрана од 1951 година е доволен за да се одржи безбедноста на најгоелмиот остров на светот.

Со Договорот, иако Греналнд останува под суверенитетот на Данска, САД добиваат право да изградат, користат и одржуваат воени бази, аеродроми и радарски системи во Гренланд, во координација со данската влада.

Арктички сентинел, новиот стражар на северот?

„Блумберг“ објави дека група европски земји предводени од Германија и Британија работат на заедничка операција наречена „Арктички сентинел“, со цел да се испрати порака: Европа нема да стои настрана.

Даунинг стрит води разговори со европските сојузници за можно распоредување на воена сила во Гренланд што би го обезбедило Арктикот од евентуални воени напади, пишува британски Телеграф.

Според изворите на весникот, во изминатите неколку денови британските претставници се сретнале со колеги од неколку европски земји, вклучувајќи ја Германија и Франција, за да започнат подготовки.

Член 42.7, европскиот штит што не се активира сам

Правниците во Брисел веќе го разгледуваат членот 42.7 од Договорот на ЕУ, кој важи како европски еквивалент на членот 5 од НАТО.
Но клучната разлика е јасна – членот 42.7 не се активира автоматски.

Доколку Данска процени дека е нападната, таа мора да поднесе формално барање, а потоа ЕУ може да реагира со сите средства, дипломатски, економски или воени

Скандинавија и Балтикот стојат зад Данска

Скандинавските земји вчера одлучно застанаа во одбрана на Данска, спротивставувајќи им се на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го заземе Гренланд со сила доколку Копенхаген одбие да ја продаде територијата на САД.

На годишната конференција „Народ и одбрана“ во Шведска, премиерот Улф Кристерсон ја осуди „прикриената реторика“ на Трамп и рече:

– Шведска, нордиските земји, балтичките држави и неколку големи европски земји стојат заедно со нашите дански пријатели.

Поврзани содржини