Во Словенија се потврдени повеќе од 1.600 нови случаи на коронавирус. Ова е објавено на веб-страницата 24 УР, која секое утро објавува неофицијални информации за вирусот, а за кои подоцна се утврдува дека се точни.
Во Словенија стапи во сила полицискиот час, односно ограничувањето на движењето помеѓу 21 и 6 часот наутро, а властите ги повикаа граѓаните да останат дома.
Дружењето е ограничено на најмногу шест лица, а постои и забрана за движење меѓу регионите.
Владата одлучи да се дозволат натпревари во колективните спортови, но само на највисоко ниво, додека за индивидуалните спортови се дозволени домашни и меѓународни спортски настани без гледачи.
Тренинзи сега се дозволени за спортисти од олимписка, светска, меѓународна и перспективна класа, како и професионални спортисти постари од 15 години, кои се запишани во регистарот на професионални спортисти во Министерството.
Владата исто така утврди дека дури и во црвените региони, фризерските и козметичките салони можат да прифатат еден клиент на 20 квадратни метри. Досега се сметаше дека во овие региони, фризерите и козметичарите можат да имаат само еден клиент во деловните простории.
Во Чешка во изминатите 24 часа регистрирани се рекордни 14.968 луѓе инфицирани со новиот коронавирус.
Во истиот период 69 луѓе починале од последици од ковид-19.
Од почетокот на пандемијата, Чешка, со население од 10,7 милиони жители, бележи најголем пораст на бројот на новозаболени во Европа. Досега се потврдени 208.915 инфицирани лица и 1.793 смртни случаи.
Од денеска во Чешка стапуваат во сила нови порестриктивни мерки вклучително и затворање на многу продавници, трговски центри и хотели. На луѓето ќе им биде забрането да ги напуштаат своите домови, со некои исклучоци. Владините канцеларии исто така ќе го ограничат работното време. Според новиот режим, продавниците за храна и лекови, аптеките и бензинските пумпи ќе останат отворени. Од вчера во сила е мерката за носење заштитна маска на отворено и во автомобили.