Во скопските ковид-центри примени уште 23 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 519 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 23 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 356 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, информира Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало пет приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за гастроентерохепатологија, на ОРЛ и на Институтот за ТБЦ. Двајца болни се примени на Клиниката за неврологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 13 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани пет болни.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 15 оздравени пациенти.
Во моментот, на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 16 пациенти, на Клиниката за неврологија 18 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 22 пациенти со симптоми на корона вирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 14 пациенти, на Клиниката за очни болести осум пациенти, а на ОРЛ седум болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 17 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно104 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 123 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 27 пациенти.
Вкупно 356 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
„Бројот на приеми во изминативе денови е намален и утрово до 8 часот имало 128 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка“, велат од Министерството за здравство.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 875 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 519 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.
„По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 36 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 50 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 21 пациент, во Велес се лекуваат 19 болни, а во Куманово 85 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19“, наведуваат од Министерството.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 60 пациенти, во Прилеп 69 во ковид центарот во Гостивар 29, а во Струга 30 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 49 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 10, Кавадарци 28, во Гевгелија 10 лица, а во Дебар пет позитивни и суспектни на корона вирусот.
Од Министерството за здравство посочуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Во тек на денотт, се прават и исписи на оздравени пациенти со што се ослободат дополнителни легла.
„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, посочуваат од Министерството.