Во Скопје ќе се вакцинираат по околу 1.400 луѓе дневно, од утре пријавувајте се електронски за вакцина
Ќе се вакцинираат 880 лица во сите седум поликлиники кои се дел од Здравствениот дом Скопје и близу 500 во пункот во Клиничкиот центар во Скопје. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се од градовите низ земјава.
Во Скопје ќе се вакцинираат по околу 1.400 луѓе дневно во сите седум поликлиники, како и во Клиничкиот центар, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, по посетата на поликлиниката Бит-пазар каде ќе се чуваат вакцините против ковид-19 кои ќе стасаат од Кина.
Од утре се очекува да биде во функција и сајтот за пријавување за вакцинација. Секој сам ќе се пријавува, системот сам ќе генерира приоритети и кога ќе дојде редот за вакцина ќе им стаса на граѓаните известување. Волјата се изразува еднаш преку регистрација на сајтот, објасни министерот.
– Денеска зборувавме за тоа како практично ќе се спроведува процесот на вакцинација, согласно распоредот кој е веќе направен. Вакцинацијата ќе се одвива во поликлиникте во Ченто, „Букурешт“, „Јане Сандански“ на повеќе пунктови во зградите во две смени, и по една смена во останатите поликлиники во Ѓорче, во „Млин балкан“… – рече Филипче.
Ќе се вакцинираат 880 лица во сите седум поликлиники кои се дел од Здравствениот дом Скопје и близу 500 во пункот во Клиничкиот центар во Скопје. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои околу 2.000 се во Скопје, а другите се од градовите низ земјава.
Поликлиниката „Јане Сандански“ ќе работи во две смени со три пункта и таму ќе може да се вакцинираат по 240 луѓе на ден. Заради заштита на децата кои примаат редовна имунизација, тие ќе се препраќаат од Бит-пазар во поликлиниката во Ѓорче Петров.
Се очекува дека со тек на време ќе може да се намали терминот за вакцинирање по пациент од 10 на 5 минути за целиот процес да оди побрзо.
Доколку има потреба за повеќе луѓе за вакцинирање, Филипче најави дека се размислува и модуларните болници да бидат употребени како вакцинални пунктови. Засега, тој смета дека е сосема соодветен системот за бројката на пријавени.
На прашањето дали граѓаните ќе можат да изберат со која вакцина против ковид-19 ќе може да се вакцинираат, министерот рече:
– Кога ќе има повеќе вакцини на располагање тогаш ќе може да се зборува и за избор на вакцина.
Тој додаде дека немаат добиено одговор од „Фајзер“ во однос на пристигнувањето на вакцините. Не се знае точно ни кога ќе стасаат кинеските вакцини од производителот „Синофарм“, но тие ќе се чуваат во поликлиниката „Бит-пазар“ на температура од 3 до 8 степени.
Во однос на тоа како ќе оди анкетирањето на граѓаните преку матичните лекари и како ќе се врши контрола над тоа Филипче рече:
– Ќе има потврда назад дека матичните лекари им се јавиле на граѓаните. Назад се враќа информација за изразена волја за вакцинација и се прави распоред согласно местото на живеење за пункт за вакцинација.
Според него, засега нема индикација дека треба да има заострување на мерките.