Во што грешат претседателот С. Пендаровски, неговиот советник Д. Малески и акд. Д. Георгиев?

2,656

Општо познато е дека нацијата е политичка и културна појава истовремено. Врз основа на тоа, постојат и две дефиниции за нацијата истовремено. Како политичка појава (phenomenos), нацијата ѝ гарантира некои права, но и должности, на секоја единка што ѝ припаѓа на таа нација. Како културна појава, нацијата подразбира еден (наддијалектен, стандарден) јазик за сите единки и колективна меморија (традиции и историја.) Кон тоа треба да се додаде уште и следново: секоја единка, припадник на една нација, уште на најрана возраст, онака како што го учи јазикот од своите родители, усвојува елементи од колктивната меморија (историја и традиции), од што следува дека постои еден структурен паралелизам (Бенвенист) меѓу јазикот и културата на еден народ.

Да се рече, како што тоа го стори пред ден-два претседателот Стево Пендаровски, дека нам не ни треба ЕУ ако тоа треба да се плати со директно или индиректно признание дека нашиот литературен јазик е – било дијалект, било „регионална норма“ на бугарскиот јазик, тоа значи да се рече, на еден особен, мек и заобикален начин, дека не постои паралелизам меѓу јазикот и културата на еден јазик. Може да се рече така само ако тој што го вели тоа има недоволен увид во лингвистиката и во политичките науки, или пак кога и дава предност на политичката дефиниција на нацијата на штета на – културната.






Впрочем, да се потсетиме: пред некое време и претседателот Пендаровски кажа нешто матно и неодредено на тема Гоце Делчев, кое го „разјасни“ по радикален начин неговиот учен советник Денко Малески. Тој нè советува (и тоа бесплатно!) сите да да се соочиме со „историските факти“, кои, ете, кажувале дека и Гоце Делечев и Крсте Петрков Мисирков биле Бугари, затоа што така се чувствувале, а и така се пишувале. Кога го вели тоа, учениот советник на претседателот Пендаровски или заборава, или просто не знае (што е многу поверојатно!), дека културата е инфранационална, национална и супранационална истовремено. Како инфранационална појава, таа култура го вклучува советникот Малески во западномакедонската културна ареа во која се вели „рака“ или „тапан,“ а не „рока“ или „топан“ како што се вели во мијачките говори – инфракултура на претседателот Пендаровски.

Инфракултурната е исто толку важна колку и националната култура. Од првата се усвојува механизмот „солидарност“ (секој човек е поцврсто врзан за своето семејство отколку за својата нација), а од втората механизмот „заборав:“ за да станам добар Македонец јас треба да заборавам (во една мера) дека сум Стружанец или Лазарополец.

Од иста важност е и супранационалната диминзија на културата. Да не беше учениот советник на претседателот Пендаровски син на писателот Владо Малески (беше југословенски амбасадор) прашање е дали ќе можеше да научи толку добро англиски за да го моли Кљусев да стане министер за надворешни работи, а и да биде толку добар Европеец кој многу повеќе држи до една европска, отколку до една периферна, национална култура, која има, според него, неразбирлива потреба да прави национални идоли од луѓе како Делчев и Мисирков, луѓе со докажана бугарска „съзнателност.“

Некакви отпори кон тие јавно соопштени становишта и на пртседателот Пендаровски, и на наеговиот учен советник Д. Малески, дава, барем сега засега, претседателот на една владина комисија Д. Георгиев која треба да ги испегла македонско-бугарските „междусобици“ од нивната колективна меморија според една веќе потпишана спогодба. Тој човек се наоѓа во една деликатна, да не кажам невозможна мисија. Зошто? Тој е историчар, значи научник. Како научник кој добро знае дека науката работи со критериумот „или…или“, тој треба да каже: или Гоце Делечев и Крсте Мисирков се Бугари, како што категорички вели ултранационалистот Ангел Димитров, шеф на бугарската комисија (а сега, барабар со него и учениот советник Д. Малески), или пак дека и Делечев и Мисирков се колку Бугари, толку и Македонци.

„Се работи за различна интерпретација на исти факти,“ рече неодамна истиот Д. Георгив, а се работи за „различни“ затоа што едните тврдат дека тие двајца се само Бугари, а други дека се – само Македонци. Од таа изјава на Д. Георгиев јасно се гледа дека тој е за некое средно решение (компромис) што е par exelence политичко, а не – научно решение. Имено, како политичар, Д. Малески може да каже дека и Делчев и Мисирков се – Бугари. Може затоа што било тоа, во овој момент, корисно за Македонија. Затоа што би се избегнала бугарската блокада за влез на Македонија во ЕУ. Како научник, Д. Георгив не смее тоа да го каже, затоа што треба да ја каже вистината. А таа вистина е: или е Македонец, или Бугарин. Ама бељата е во тоа: тој веќе се нафатил однапред за некое средно, политичко решение (компромис), а тоа решение е: и Мисирков и Делчев се колку Бугари, толку и – Македонци.

Ете зошто, пред некое време, бугарскиот филозоф Ивајло Дичев изјави дека би било најдобро тие две комисии да не дојдат до заедничко решение. Не знам дали таа изјава ја прочитал Д. Георгив и дали ставил прст на чело па да размисли: има смисла, макар и за добри пари, човек да изигрува смоквин лист на политка која со државни пари плаќа луѓе од науката да ги решаваат тешките прашања место неа од кои, обично, се губи власт.

Поврзани содржини