Во Шпанија вакцинацијата против коронавирус почнува на 27 декември

Шпанија прво ќе ги вакцинира изложените лица како медицинскиот персонал и оние со висок ризик како што се жителите на домови за пензионери.

220

Шпанија ќе почне кампања за вакцинација против коронавирусот во недела на 27 декември, еден ден откако во земјата ќе стигнат првите дози на вакцината, соопшти денеска шпанскиот министер за здравство Салвадор Ила.

Ова е објавено еден ден откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека вакцинацијата во ЕУ ќе почне меѓу 27 и 29 декември, и тоа со вакцината на Фајзер и БионТек.






Европската агенција за лекови (АЕМ) треба да одговори на барањето за одобрување на вакцината на 21 декември – една недела пред претходно предвиденото.

– Пристигнувањето на вакцината значи „почеток на крајот на пандемијата, но не и крај. Треба да останеме внимателни.Треба да се остане буден и да се придржува кон мерките – рече Ила на прес-конференција.

Тој ги повика Шпанците да бидат претпазливи во пресрет на Божиќните и новогодишните празници, затоа што ситуацијата со епидемијата, која беше подобра во ноември, повторно се влоши, па Ила ја нарече „загрижувачка“.

Шпанија прво ќе ги вакцинира изложените лица како медицинскиот персонал и оние со висок ризик како што се жителите на домови за пензионери.

Владата се надева дека ќе вакцинира од 15 до 20 милиони луѓе, од 47 милиони, до мај или јуни следната година, а од денес до крајот на февруари 2,5 милиони.

Во Шпанија од почетокот на пандемијата има вкупно 1,9 милиони заразени и е меѓу првите десет најпогодени земји во светот. Досега во земјата од ковид-19 починаа скоро 49.000 луѓе.

Поврзани содржини