ВО СЕПТЕМВРИ ЌЕ ТРГНЕ ВОЗОТ ОД ЗЕЛЕНИКОВО ДО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА Ивановски вели дека во реализација на проектот ќе се вклучи и ЈСП со пристапни линии

Директорот на МЖ Инфраструктура очекува во септември да биде објавен тендер за изведувал и за делниците кон Илинден и кон Ѓорче Петров.

58

Градежните работи на првата линија на Градскиот воз од Зелениково до Нова железничка станица привршуваат. Од септември ќе се стави во функција градскиот воз на оваа линија, вели директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Тој информира дека се работи на од Зелениково до главната железничка станица, во должина од околу 25 километри.






– Ова е постоечка пруга, дел од коридорот 10 и одамна е во функција, но не онака како што треба да биде. На делницата се прави реконструкција, комплетно се демонтираше целата пруга, дел од праговите се заменети со бетонски, а другиот дел, кон Скопје, со нови, дрвени прагови. Правевме тестирања и веруваме дека по комплетно завршување на градежните работи до крајот на јуни, ќе може да се вози повторно со проектираните 80 км/ч, за патничкиот сообраќај. Потоа ќе има дополнителни тестирања, но во принцип, овој крак за градски воз би требало од септември да биде во целосна функција – рече Ивановски во интервју за Призма.

Според него, за делниците кон Илинден и кон Ѓорче Петров, градежниот дел ќе биде сличен.

-И на двете места има постоечка пруга, меѓутоа за разлика од таа од Зелениково, на овие делници нема никаков сообраќај и се во многу лоша состојба. Веќе објавивме постапка за двата проекти, и ако успееме да завршиме со проектирање до септември, веднаш ќе има оглас за избор на изведувач на двете траси, за кон крајот на 2026 да почнеме и до крајот на 2027 да ги завршиме – вели тој.

Ивановски појасни дека парите за овој дел од пругата треба да се обезбедат со ребалансот на буџетот.

-Во ребалансот на буџетот ги баравме овие средства, да бидат во развојната програма, дел во 26-та, дел во 27-ма и можеби дел во 2028 година и се надеваме дека ќе ни биде одобрени, приоритет на владата е да имаме градски воз” – вели Ивановски.

Тој вели дека воз за линијата треба да обезбеди МЖ Транспорт.

-Мора да имаме координација со другото претпријатие (МЖ Транспорт н.з.). Им кажавме, ние ќе ги направиме пругите, вие возовите како знаете да ги обезбедите. Дадоа збор дека од први септември, ќе има воз којшто специјално ќе биде наменет за градскиот воз и тој нема да продолжува кон Гевгелија, туку од Транспортен центар до Зелениково, во континуитет. Возниот ред го одредуваат тие, меѓутоа сигурно ќе го има повеќе пати во денот – вели Ивановски.

Тој додаде дека за реализација на проектот ќе мора да помогне и Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје со линии до железничките станици.

-Градоначалникот даде согласност дека при креирање на возниот ред ќе биде вклучено ЈСП, за синхронизирано собирање на патници од населените места и носење до самата станица. Верувам дека и двете претпријатија, и МЖ Транспорт и ЈСП, ќе најдат ресурси за овој проект да биде функционален бидејќи даваме целосно нова алтернатива за движење и транспорт. Мора да најдат. И јас можам да имам оправдување дека немаме капацитети, но даваме приоритет на градскиот воз за да заживее. Со него ќе имаме извесност, ќе знаеме за колку минути ќе стигнеме до центарот. А со автомобил, дали имало протест, делегација или сообраќаен метеж, нема извесност, па затоа оваа алтернатива за приградските населби е нешто што би требало да биде приоритет и за Град Скопје, и за ЈСП и за МЖ Транспорт- вели директорот Ивановски.

Поврзани содржини