ВО СДСМ НЕМА НИ ГЛАСАЧИ, НИ МЛАДИ ЛУЃЕ ШТО НУДАТ РЕШЕНИЈА Младите препознаваат конкретна поддршка, регира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата за наламен буџет
Поделивме 55.000 ваучери за електронски уреди, со што студентите ќе можат да користат напредни технологии, наместо да злоупотребуваат европски фондови за тренинг на магариња, а СДСМ има елементарно непознавање на младинскиот стандард и на реалностите во државата, вели Тодор Конески од ИК на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Длабоко сме трогнати и потресени од прес-конференцијата на партијата која владееше 7 години, а за само една година успеа да стане 5-та партија во Скопје, реагираше Тодор Конески од ИК на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на потпретседателката на СДСМ, Стефанија Кузмановска.
Кузмановска ја обвини владејачката партија дека ги намалува парите за студентски стандард за 7,3 милиони евра во Буџетот.
– Со неизмерна тага, сведочиме на пропаста на партијата која изгуби стотици илјади гласачи, откако за личен интерес ги распродаде националните интереси и го урниса целиот систем. Жал ни е што поделивме само 55.000 ваучери за електронски уреди, со што студентите ќе можат да користат напредни технологии, наместо да злоупотребуваат европски фондови за тренинг на магариња. Жал ни е што реализираме реконструкција на сите студентски домови, наместо да ветуваме студентски град, кој 8 години тие не успеаја ни го почнат. Жал ни е што ќе изградиме зграда на Медицинскиот факултет во Штип, нешто што според вас е „назадување“ во однос на времето кога болниците се распаѓаа низ државата. Жал ни е што почнавме со процес на дигитализација на универзитетите и воведување на е-индекс и жал ни е што наскоро почнува реконструкција на спортската сала на УКИМ, како и проектите со кои младите ќе можат да купат свој дом, да основаат свое семејство или да започнат свој бизнис – рече Конески.
На ова ваше елементарно непознавање на младинскиот стандард и реалностите во државата, не ви замеруваме, само ви укажуваме, му се обрати тој на СДСМ.
– Разбираме дека вашата партија нема повеќе ниту гласачи, а уште помалку млади луѓе кои се во контакт со вистинските проблеми, а можат и да понудат вистински решенија. Додека вие инвестирате во неколку поединци во вашата младина, кои повторуваат истрошени флоскули на Филипче и на Заев и се срамат на националните телевизии, ние инвестираме во иднината, инвестираме во конкретни политики, мерки и проекти што младите ги чувствуваат веднаш – рече Конески.
Ниту една смешна прес-конференција, нема да нè обесхрабри во нашата заложба да изградиме држава, во која секој еден млад човек може да просперира и да успее, додаде тој
– Младите препознаваат работа, препознаваат квалитет и конкретна поддршка, а не празни зборови. Заврши времето на апстрактни и нереални ветувања. Почна времето на мерливи резултати, на вистинска одговорност и на политики што го менуваат животот на младите денес, а не во нечија фантазија – рече Конески,
Потпретседателката на СДСМ, Кузмановска, денеска рече дека во буџетот за 2026 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги намалува парите за студентскиот стандард за 7,3 милиони евра, што според неа, се помалку пари за стипендии, студентски оброци и за студентските домови.
– Социјал демократската младина на Македонија бара власта веднаш да се откаже од овие катастрофлани политики и да го зголеми буџетот за студетски стандард. Младите заслужуваат подобро, заслужуваат повеќе – рече Кузмановска.