ВО СДСМ ИЗБОРИ БЕЗ КАМПАЊА ИЛИ РИЈАЛИТИ ШОУ? Деспотовски повикува на дебата, конкурентите одбиваат
„Претседател на СДСМ е премногу сериозна и премногу одговорна позиција за да се сведе на секојдневно лиферување соопштенија и скапо платена пр агенција. Ги повикувам кандидатите и членовите на СДСМ во име на социјалдемократијата да ја заштитиме партијата и изборот за претседател на СДСМ да не го претвориме во реалити шоу“, изјави Славјанка Петровска.
Ќе има ли медиумски дебати меѓу кандидатите за иден лидер на СДСМ, како што повика Јован Деспотовски, или социјалдемократите сепак ќе дебатираат во партиските форуми зад затворени врати?
– Ги повикувам сите кандидати за претседател на СДСМ да ми се придружат на јавна дебата на која ќе ги презентираме нашите идеи и конкретни реформи. Овој повик доаѓа како одговор на бројните барања од луѓето од цела Македонија со кои се среќавам – изјави Деспотовски, кој прв ја обзнани својата кандидатура.
На ова возврати Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана, која исто така се гледа себеси на позицијата лидер на СДСМ.
– Претседател на СДСМ е премногу сериозна и премногу одговорна позиција за да се сведе на секојдневно лиферување соопштенија и скапо платена пр агенција. Ги повикувам кандидатите и членовите на СДСМ во име на социјалдемократијата да ја заштитиме партијата и изборот за претседател на СДСМ да не го претвориме во реалити шоу – изјави таа.
Јавно соочување во медиумите одбиваат и кандидатите Венко Филипче и Александар Бајдевски.
– Во рамки на кампањата, централната изборна комисија во СДСМ има предвидено осум дебати во осумте плански региони, каде сите кандидати ќе имаат презентација на програмите пред членовите. Според сегашниот план, првата е закажана веќе в петок. Надвор од овие дебати, не сметам дека се потребни други медиумски дебати – вели Венко Филипче.
И Бајдевски останува на она што било договорено на состанок одржан со кандидатите и со Централната изборна комисија.
– Се договори став дека нема потреба од јавна дебата во медиумите, туку дека нашите дебати ке бидат пред членството, организирани од СДСМ, по плански региони – вели тој.
Новиот претседател на СДСМ ќе се избере на 30 јуни, на општи избори на кои ќе гласаат сите членови на партијата.