Во Русија повторно протести поради апсење на гувернер
Руските власти соопштија дека тој е осомничен за вмешаност во убиства на неколку бизнисмени во 2004 и 2005 година, пред да влезе во политиката. Тој ги негира обвинувањата.
Стотици луѓе денеска втор ден демонстрираат во Хабаровск, на рускиот далечен исток, како поддршка на гувернерот на тој регион кој е обвинет за вмешаност во неколку убиства.
Гувернерот на регионот Хабаровск, Сергеј Фургал (50), беше уапсен во четвртокот и префрлен во Москва, каде после сослушување му беше одреден притвор од два месеци.
Руските власти соопштија дека тој е осомничен за вмешаност во убиства на неколку бизнисмени во 2004 и 2005 година, пред да влезе во политиката. Тој ги негира обвинувањата.
Вчера, според различни проценки, помеѓу 10.000 и 40.000 луѓе демонстрирале во Хабаровск за поддршка на Фургал, и тоа бил еден од најголемите протестни митинзи досега во регионот. Според извештаите на медиумите, демонстрантите извикувале пароли против рускиот претседател Владимир Путин.
Регионалната администрација денеска изрази жалење поради „провокативните слогани“.
„Чувајте го здравиот разум. Ве потсетуваме дека сега секој митинг е забранет поради борбата против коронавирусот“, се наведува во соопштението на управата објавено на социјалните мрежи.