ВО РИЈАД СЕ ЗБОРУВА И ЗА ТЕРИТОРИИ И ЗА ЕЛЕКТРАНИ Трамп откри дека Црното Море не е единствената грижа за Вашингтон
Во моментов зборуваме за територија. Зборуваме за линии за разграничување. Зборуваме за моќ, за сопственост на електрани. Некои велат дека САД треба да ги поседуваат електраните... затоа што ја имаме таа експертиза, рече американскиот претседател пред новинарите во Белата куќа.
На преговорите во Ријад во Саудиска Арабија се и други теми освен безбедноста на сообраќајот во Црното Море, откри американскиот претседател Доналд Трамп.
– Во моментов зборуваме за територија. Зборуваме за линии за разграничување. Зборуваме за моќ, за сопственост на електрани. Некои велат дека САД треба да ги поседуваат електраните… затоа што ја имаме таа експертиза – рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Претставниците на САД и на Русија ги продолжуваат преговорите во Ријад повеќе од девет часа, по нова пауза, пренесуваат агенциите.
Претходно трипати преговарачите најавуваа прекини. Според претставник на руската делегација, учесниците веќе планирале да ги завршат консултациите, но средбата продолжила.
Преговорите се одржуваат зад затворени врати во хотелот „Риц Карлтон“, каде што Вашингтон се обидува да посредува за ограничен прекин на огнот по повеќе од три години борби во Украина.
Клучен фокус на преговорите е обезбедувањето запирање на нападите врз енергетските капацитети. И Русија и Украина начелно се согласија на ова делумно примирје, но тоа допрва треба да се спроведе.
Соединетите Американски Држави, исто така, вршат притисок за продолжување на прекинот на огнот на бродските рути во Црното Море.
Делегацијата на Москва ја предводат дипломатот од кариера Григориј Карасин и Сергеј Беседа, висок разузнавач и близок човек од доверба на рускиот претседател Владимир Путин.
Во составот на американската делегација во Саудиска Арабија се американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог и американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц, како и Ендрју Пик, директор за Европа во Националниот совет за безбедност и Мајкл Антон, директор за политичко планирање во Стејт департментот.
Претходно, саудиски медиуми објавија дека украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров пристигнал на нова рунда разговори во Саудиска Арабија.
Во последните денови, преговорите се фокусираа на можноста за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, што може да го отвори патот за привремен прекин на огнот, а потоа и за постојан мировен договор.
Трамп, исто така, рече дека очекува наскоро да биде потпишан американско-украинскиот договор за поделба на приходите од украинските ретки минерали.