Во протестите во Вашингтон загинаа најмалку четири лица
„Статистички е невозможно да сме ги изгубиле изборите. Голем протест во Вашингтон на 6 јануари. Бидете таму, бидете диви“, напиша Трамп на Твитер на 20 декември.
Полицијата на Вашингтон објави дека четири лица загинале за време на вчерашниот упад на приврзаниците на Доналд Трамп во Конгресот.
Досега приведени се 53 луѓе, од кои 47 поради кршење на полицискиот час, што вчера беше воведен во Вашингтон и трае од 18 до шест часот.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс на Твитер го осуди насилството.
„Најстрого го осудувам насилството што се случи и тагуваме поради загубените животи, како и поради повредите на тие кои го бранеа Капитол. Мирен протест е право на секој Американец, но овој напад на Капитол нема да го толерираме. Тие кои учествуваа најстрого ќе бидат санкционирани во согласнот со законот“, посочи Пенс.
Американскиот претседател Доналд Трамп со недели тврдеше дека изборите се украдени, а неговите приврзаници вчера упаднаа во Конгресот, симболот на американската демократија.
Трамп, кој одбива да го признае изборниот пораз повеќе пати ги повика своите приврзаници да дојдат во Вашингтон на денот кога Претставничкиот дом и Сенатот ја потврдуваат победата на Џо Бајден.
„Статистички е невозможно да сме ги изгубиле изборите. Голем протест во Вашингтон на 6 јануари. Бидете таму, бидете диви“, напиша Трамп на Твитер на 20 декември.
Илјадници луѓе вчера се одѕваа на повикот на Трамп, а тој ги повика да се борат.
– Никогаш нема да се откажеме, никогаш нема да го признаеме поразот, изјави вчера Трамп пред приврзаниците, по што тие упаднаа во Конгресот и ја прекинаа седницата на која требаше да биде верификувана победата на новоизбраниот претседател Бајден.
Помали протести на приврзаниците на Трамп синоќа се одржаа и во голем број американски градови, меѓу кои Салем, Орегон, Аталанта и Денвер.