ВО ПРИТВОРОТ ВО ШУТО ОРИЗАРИ ИМА 12 ЖЕНИ Ги посети в.д. претседателката на Кривичниот суд по повод 8 Март

Ниту една жена, без оглед на околностите и постапката која се води против неа, не смее да биде лишена од своето достоинство, од правото на фер постапка и од основното начело - презумпцијата на невиност, соопшти Кривичниот суд.

104

По повод 8 Март, в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, судијката Даниела Димовска, денеска го посети притворското одделение во рамките на Затвор Скопје во Шуто Оризари, каде во моментот се сместени 12 жени за кои кривичната постапката е во тек и сè уште не е донесена правосилна судска одлука, информира судот.

„Оваа посета не беше само институционална должност на судот, туку човечки чин за порака дека ниту една жена, без оглед на околностите и постапката која се води против неа, не смее да биде лишена од своето достоинство, од правото на фер постапка и од основното начело – презумпцијата на невиност, што се темели и на препораките на Европската конвенција за заштита на човековите права“, се вели во соопштението.






За време на посетата, се додава, посебен акцент беше ставен на потребата од родово-сензитивен пристап во притворските услови, како и на обезбедување психолошка поддршка за жени кои често се соочуваат со дополнителна социјална и економска ранливост.

„Жената не ја губи својата вредност затоа што се наоѓа зад ѕидови, таа останува мајка, ќерка, сестра, личност со право на почит и праведност“, беше истакнато на средбата, информира судот.

Покрај разговорите со притворените жени, судот ја искористи приликата и за средба со директорот на управата, Бобан Утковски, со кој е договорено да се иницираат дополнителни разговори со надлежните институции за унапредување на условите и за јакнење на механизмите за заштита на правата на жените во притворското одделение, се вели во соопштението од  Основниот кривичен суд.

Поврзани содржини