ВО ПРЕСРЕТ НА СЕДНИЦАТА ЗАХАРИЕВА НЀ УБЕДУВА ДЕКА ИЗМЕНИТЕ ВО УСТАВОТ НЕ СЕ ГОЛЕМА РАБОТА Ги повика македонските соседи да не се плашат од промените

1,829

Република Северна Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската унија, изјави заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание и поранешен министер за надворешни работи (2017-2021).

Повод за нејзиниот коментар, како што пренесува БГНЕС, е претстојното гласање во македонскиот парламент за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија што е едно од главните барања утврдени во т.н „француски предлог“ што Скопје треба да го спроведе пред да започнат пристапните преговори со ЕУ.






Захариева ги повика, како што вели, „македонските соседи и пријатели, да не се плашат од промените“.

– Измена на Уставот на Република Северна Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати – потенцира поранешната шефица на бугарската дипломатија.

Таа е категорична дека е корисно за двете земји да отворат нова страница во односите.

– И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв – рече Захариева.

Истовремено, таа потсети дека за сето ова да се случи Скопје мора да ги исполни условите од преговарачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од Република Северна Македонија.

– Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и од неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за Република Северна Македонија и граѓаните на оваа држава, тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат – вели Екатерина Захариева.

 

Поврзани содржини