ВО ПРЕДНОСТ СУМ ОТИ НИКОГАШ НЕ СУМ БИЛА ВКЛУЧЕНА ВО ПОЛИТИКА Данела Арсовска е за борба на идеи, а не за дискредитирање со лажни вести
Знам како и умеам да направам позитивни промени во нашето општество, особено во Скопје, градот којшто долги години тоне запоставен од страна на институциите, кои што досега требаше да обезбедат подобар живот за скопјани, рече кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.
Јас сум во предност, бидејќи досега не сум била вклучена во политиката, рече кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, на средбата со шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана Де Зулуета.
Арсовска истакна дека знае и умее да направи позитивни промени во Скопје, а во однос на предизборната кампања, таа ја искажа својата желба за мирно спроведување на изборите, потенцирајќи дека за неа најважно е да не се случуваат изборни нерегуларности.
– Сметам дека за мене, како човек со интегритет е предност тоа што досега не сум била вклучена во политиката. Знам како и умеам да направам позитивни промени во нашето општество, особено во Скопје, градот којшто долги години тоне запоставен од институциите, кои што досега требаше да обезбедат подобар живот за скопјани. Учеството на жените во политиката е многу важен сегмент за демонстрирање на демократски капацитет на општеството. Нападите во јавност од било кој вид се недопустливи во држава која сака да се нарече демократска и треба да се осудат. Неопходен е процес на фер и демократски избори за чие спроведување ОБСЕ има голема улога преку процесот на набљудување на изборите. Сигурна сум дека овие избори ќе ја покажат борбата на идеи на кандидатите, наместо креирање на лажни вести и нивно користење за дискредитирање на личности. Граѓаните се уморни од овие политички игри и затоа сум сигурна дека ќе препознаат квалитет и ќе гласаат за вистинската личност – истакна Данела Арсовска.
Претставниците од ОБСЕ/ОДИХР во земјава, нагласија дека нивното зголемено присуство, ќе придонесе за зголемен квалитет на изборниот процес. Арсовска дополни дека Владата е институцијата што треба да застане против ваквите нерегуларности, особено кога станува збор за напади и навреди, пред сè од владини функционери или лица од јавната и државната администрација.