ВО ПОЖАР ЗАГИНА ЖИТЕЛ НА ПСАЧА Го запалил стрништето и изгорел
Лекар од Итна медицинска помош констатирал дека смртта била последица на изгореници на телото и на главата. На телото немало траги од насилство - информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи - Куманово.
Жител на село Псача загинал во пожар на сува трева што избувнал вчера во општина Ранковце. Тој излегол од домот околу пладне за да пали сува трева на неговата нива, со цел да ја расчисти, по што немал контакт со семејството, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
На 6 февруари 2024 година во 19.40 во полициското одделение „Ранковце“ било пријавено дека во опожарена нива во село Псача, Општина Ранковце, бил пронајден починат 68-годишниот Д.С. од истото село.
– Лекар од Итна медицинска помош констатирал дека смртта била последица на изгореници на телото и на главата. На телото немало траги од насилство – информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи – Куманово.
Екипа од ОВР Крива Паланка извршила увид, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на семејството.
Од Територијалната противпожарна единица Ранковце потврдија дека вршеле интервенција на местото на пожарот, во атарот помеѓу селата Одрено и Псача, каде биле зафатени околу пет декари сува трева и овошни дрвца.
Оттаму упатија апел до граѓаните да бидат многу внимателни при расчистувањето на нивите и да не палат стрништа.