ВО ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЦА НЕМА ДА ИМА ОВОШЈЕ НАДВОР ОД СЕЗОНАТА, ОДМОР ВО СТРАНСТВО, АЛКОХОЛ И ЦИГАРИ Што ќе содржи ќе се знае следната недела

Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески вели дека потрошувачката кошница ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите.

159

Просечната потрошувачка кошничка нема да служи нити за креирање на јавно мислење, ни за политиканство како што претходно се правело, туку ќе биде за потребите на Министерството за економија и труд и на Владата во идните креирања на политики и донесување на закони и одлуки со цел заштита на животниот стандард на граѓаните, истакна денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Тој најави дека во текот на наредната недела ќе биде јавно презентирана и претставена пред медиумите и додаде дека до крајот на месецов ќе биде презентирана и пред Економско социјалниот совет (ЕСС).






– Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците кои постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот во Република Македонија – рече Ристески.

Како што информира, по заклучокот и задолжението на Влада просечната потрошувачка кошничка требаше да ја изработат Министерството за економија и труд, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии и Државниот пазарен инспекторат со помош од Комисијата за заштита на конкуренција.

-Таа е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана ќе мора да биде помината и гласана во Економско социјалниот совет кој ќе биде одржан наскоро. Ќе гледаме до крајот на месецов да биде претставена пред ЕСС – рече Ристески.

Тој рече дека не ја оспоруваат минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и додаде дека имаат иста цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓутоа, како што рече, просечната потрошувачка кошничка е врз база на релевантни податоци и политики.

– Нашата просечна потрошувачка кошничка во пресметките сигурно нема да користи акцизни стоки како што се алкохол, цигари, летување во странство или, пак, овошја кои не се карактеристични за одредена сезона во годината, бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Се ќе биде врз база на релевантни податоци од цените од релевантни производи кои се користат сезонски, но и податоци земени од повеќе големи маркети – маркети кои имаат високи цени, маркети со средни и маркети со најниски цени, како и цени од зелените пазари и локални маркети од различни региони – појасни Ристески.

Марјан Петрески од Фајнанс тинк мисли дека е во ред и државата покрај синдикатот да креира потрошувачка кошничка.

– Потрошувачката кошничка треба да се креира структурно врз основа на официјалната статистика. Во ред е да учествуваат министерствата за економија и финансии, но основно е да се базира на официјалната статистика, а тоа е Државниот завод за статистика – рече Петрески.

Поврзани содржини