🎥 ВО ПЛАМЕН Е ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ ЦЕНТРИ ЗА ПРИРОДЕН ГАС Ирански ракети го погодија Рас Лафан во Катар

Предизвикана е голема штета, нема жртви, соопшти катарската државна нафтена компанија, а Министерството за надворешни работи на Катар соопшти дека иранските напади се директна закана за  националната безбедност на земјата и за стабилноста на регионот.

122

Ирански ракети вечерва го погодија Рас Лафан, во Катар, кој е еден од најголемите светски центри за природен гас.

Катарската државна нафтена компанија објави дека ракетите го погодиле Рас Лафан вечерва, каде што се наоѓа голема рафинерија за нафта и најголемиот погон за производство на течен природен гас (LNG) во светот.






„Тимовите за итна реакција беа веднаш испратени на терен за да ги стават пожарите под контрола, со оглед на тоа што е предизвикана голема материјална штета“, објави „Катар енерџи“ на социјалните медиуми.

Сите вработени се безбедни и засега нема жртви, се наведува во соопштението.

Реакцијата на Катар е дека „дрските“ ирански ракетни напади врз индустрискиот град Рас Лафан се „директна закана за  националната безбедност на земјата и за стабилноста на регионот“.

„Иранската страна продолжува со својата ескалирачка политика што го турка регионот кон бездната и ги влече земјите што не се дел од оваа криза во циклус на конфликт“, соопшти Министерството за надворешни работи на Катар на социјалните медиуми.

Во соопштението се додава дека Катар „го задржува правото да одговори“ и дека „нема да се двоуми да преземе сите потребни мерки за да го заштити својот суверенитет, безбедност и безбедноста на своите граѓани“.

 

 

Министерството за надворешни работи на Катар потоа објави на мрежата Ика дека ги прогласило за непожелни воените и безбедносните пратеници на иранската амбасада, како и персоналот од нивните канцеларии и дека побарало од нив да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.

Одлуката е донесена по повторените ирански напади и агресивни дејствија против Катар, се вели во соопштението.

Рас Лафан е индустриски град и огромно енергетско пристаниште во Катар, сместен на североисточниот брег на земјата. Таму има големи постројки за преработка и за извоз на гас и пристаниште од каде се извезува енергија во целиот свет. Катар е еден од најголемите извозници на гас.

Иранскиот напад следи откако денеска беше нападнато иранското гасно поле Јужен Парс, кое се смета за најголемо во светот. По овој напад Иранската гарда најави дека вечерва ќе ги нападне енергетските центри во Катар, Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати и повика луѓето да се евакуираат од околината на рафинериите.

Саудиска Арабија објави дека нејзините противвоздушни системи пресретнале и уништиле две балистички ракети лансирани кон Источната провинција, а официјални лица изјавија дека нема извештаи за жртви. Во кратка изјава, портпаролот на саудиското Министерство за одбрана изјави дека ракетите биле успешно неутрализирани.

Според саудиски извори, остатоци од пресретнатите ракети паднале и врз делови од Ријад по уште еден напад насочен кон главниот град. Источната провинција е меѓу почестите цели на иранските ракетни и беспилотни летала во последните денови.

Нападите доаѓаат во услови на остра ескалација на регионалните тензии.

Американски функционер негираше дека САД нападнале гасни полиња во Иран, тврдејќи дека нападот го извршил Израел. Иранските државни медиуми претходно објавија дека САД и Израел нападнале делови од иранските нафтени и гасни објекти, вклучувајќи го и Јужен Парс.

„Соединетите Американски Држави беа информирани за плановите на Израел да го нападне огромното гасно поле Јужен Парс во Иран, но не учествуваа во нападот“, изјавил извор запознаен со ситуацијата за Асошиејтед Прес.

Изворот, кој зборувал под услов на анонимност, не сакал да каже дали американската администрација ја поддржува одлуката на Израел да го нападне гасното поле, кое е клучен столб на снабдувањето со енергија на Иран.

Израелски извор претходно изјави за Си-Ен-ЕН дека Израел ја нападнал рафинеријата Асалује во југозападен Иран. Друг израелски функционер рече дека израелскиот напад врз иранскиот објект Јужен Парс бил извршен во координација со САД.

🎥 ЕСКАЛАЦИЈА, ГОРИ НАЈГОЛЕМОТО ИРАНСКО ГАСНО ПОЛЕ И ГОЛЕМА РАФИНЕРИЈА Цените на нафтата и на гасот скокнаа по нападот

 

Поврзани содржини