СНАБДЕТЕ СЕ СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ И ЗА ХИГИЕНА НА ВРЕМЕ! Не се знае колку долго ќе трае зафатот на Водовод
За да се избегнат непријатности и да се олесни секојдневието, надлежните препорачуваат граѓаните да преземат неколку практични мерки пред да настане прекинот на вода.
Жителите на Скопје треба да се подготват за еден ден без вода поради најавената санација на големиот дефект на водоводната мрежа, која се очекува да започне во петок навечер околу 22 часот, но не се знае колку долго ќе трае. За да се избегнат непријатности и да се олесни секојдневието, надлежните препорачуваат граѓаните да преземат неколку практични мерки.
Еве што треба да направите.
Навреме складирајте доволно вода!
За пиење обезбедете по два до три литри вода по лице во домаќинството.
За лична хигиена – осигурајте резерви за миење раце, миење заби и други секојдневни потреби.
За домаќинството: Наполнете кофи или канти со вода за основни задачи, како што се чистење и миење садови.
Внимавајте со апаратите!
Не вклучувајте машини за перење алишта и садови додека трае санацијата.
Исклучете ги бојлерите за да спречите потенцијални дефекти поради намалување на притисокот во водоводната мрежа.
Завршете ги сите домаќински обврски кои вклучуваат вода пред почетокот на санацијата.
Доколку имате мали деца или постари лица во домаќинството, обезбедете дополнителни резерви за нивните потреби.
Проверете ги славините
Осигурете се дека сите славини се добро затворени за да спречите истекување или евентуално оштетување кога ќе се врати притисокот на водата.
„Санацијата е дел од неопходните активности за подобрување на водоснабдувањето во главниот град. Водоснабдувањето ќе биде обновено веднаш штом завршат зафатите, а надлежните служби уверуваат дека се работи на тоа сѐ да се заврши во најкраток можен рок“, велат надлежните служби.
Од Град Скопје и од ЈП „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните за трпеливост и разбирање, бидејќи овие активности ќе придонесат за долгорочно подобрување на водоводната инфраструктура во Скопје.
Според информациите што ги добиваат медиумите, одговорните од претпријатието не можат да потврдат кога точно ќе се исклучи водата, а не прецизираат ни кога ќе биде обновено снабдувањето.
Од контакт центарот на „Водовод и канализација“ информираа дека во петок, најверојатно од 22 часот, ќе започне исклучувањето на водата, но не можат да гарантираат кога точно тоа ќе се случи. Во случај на продолжен прекин, претпријатието нема официјално соопштение како ќе биде организирано снабдувањето со вода, но потсетија дека и досега цистерни со питка вода биле распоредувани за потребите на граѓаните доколку дефектите траат подолго од 24 часа.
Без вода ќе останат трговски центри, угостителски објекти и болници. За здравствените установи, како Клинички центар, приватната болница Жан Митрев и за Детската болница во Козле, ќе биде обезбедено снабдување со вода преку цистерни.
Градоначалничката Данела Арсовска ги уверува граѓаните дека санацијата на дефектите ќе биде брза и дека не треба да се предизвикува страв во јавноста. Таа потврди дека дефектите се дел од планираните поправки кои се изведуваат ретко, а овој зафат не би требало да трае повеќе од 24 часа. Исто така, Арсовска истакна дека работите ќе се изведат според план и дека ќе биде завршено во еден ден, без потреба за дополнителен дотур на вода.
- В САБОТА СКОПЈЕ ОСТАНУВА БЕЗ ВОДА Арсовска смирува, ветува брза санација на дефектот
Меѓутоа, неофицијални информации откриваат дека долгата старост на цевките може да предизвика дополнителни неочекувани проблеми. По завршувањето на санацијата и повторното пуштање на водоснабдувањето во функција, се зборува дека ќе бидат потребни околу 7-8 часа за водата да стигне до домовите на сите граѓани.
Жителите на Ѓорче Петров, Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), Зелениково и Студеничани имаат два дена да се подготват со резерви на вода. Останатите делови од Скопје, од левата страна на Вардар, ќе бидат со редовно водоснабдување.
Прекинот ќе ги одложи закажаните операции во Скопје
Најавениот прекин на водоснабдувањето во голем дел од Скопје ќе се одрази и врз пациентите. Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар „Мајка Тереза“ препорачала да се откажат закажаните операции за време на викендот и да бидат презакажани. Станува збор за елективни операции кои не се итни и не се поради животозагрозувачки состојби.
За греење на клиниките ќе се користат резервни резервоари. Останатите ресурси како медицински гасови, електрична енергија, канализација и климатизација ќе продолжат да функционираат нормално.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека доколку има потреба Владата ќе излезе во пресрет, но дека ингеренциите за санирањето на дефектот којшто во сабота ќе остави поголем дел од главниот град без вода е на јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
– Тенденцијата на Владата е да ја зајакне децентрализацијата и знаете дека оваа Влада веќе почна со тоа милијарда евра да им се доделат на општините. Значи, не е тенденција на Владата да централизира. Ние ќе излеземе во пресрет, но тоа се ингеренции на „Водовод и канализација“ и на градоначалничката Данела Арсовска, како што излеговме во пресрет со јавниот превоз, но мислам дека е време да покажат и докажат дека децентрализацијата треба да зајакне, а не цело време да ургира Владата – изјави денеска Меџити.