ВО ПЕТОК ЌЕ СЕ ЗНАЕ ОД ШТО ПОЧИНАЛО БЕБЕТО НА ГИНЕКОЛОГИЈА Докторката е отстранета од позицијата додека не заврши постапката

170

Во петок се очекува извештајот од Институтот за патологија во врска со смртта на бебето на Клиниката за гинекологија и акушерство. Извештајот треба да утврди дали имало лекарска грешка и од што починало бебето.

Како што дознаваме, во меѓувреме, докторката која работела со бебето е отстранета од позицијата додека не заврши постапката.






Министерството за здравство вчера соопшти дека министерот Азир Алиу иницирал вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Целта е да се утврдат околностите и да се расветли случајот.

„Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект. Во овие тешки моменти за семејството, замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста“, се наведува во соопштението од Здравство.

Министерството за здравство изрази сочувство до родителите за загубата.

Оттаму потсетуваат дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи.

Министерството за здравство нагласува дека останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана.

 

 

Поврзани содржини