ВО ОПШТИНА ТЕТОВО 340 ВРАБОТЕНИ, 350 ХОНОРАРЦИ Касами ќе бара да ги вратат парите тие што не одат на работа
Општина Тетово нема пари за новогодишно украсување на градот и за организирање новогодишна прослава, рече денеска новиот градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами.
Новиот градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами ќе ги ревидира договорите за работа во Општината зашто меѓу нив имало и лица кои воопшто не оделе на работа.
Ова е една од триесетте точки за работа во првите сто дена од мандатот на Касами, кој ги претстави денеска на прес-конференција.
– Мое решение е сите договори да се прекинат и службите прават анализи дали тие договори се реализирани и дали плаќањата по тие договори се согласно закон. За сѐ што е платено спротивно на законот ќе побарам тие средства да се вратат во буџетот на општината. Сите договори се до 31 декември. Во моментот додека не се прекинати тие договори тие што одат на работа, одат. Тие што не одат за нив веќе има посебен извештај од администрацијата. Има над 350 договори на дело на определено време за кои не знаеме што работи вршеле за потребите на општината. Испаѓа дека повеќе се исплаќало за договор на дело затоа што редовно вработени се 340 лица, а над 350 има со договор на дело – изјави Касами.
Тој рече дека се испитува можноста градскиот паркинг во Тетово да биде бесплатен.
– Во моментот на јавни паркинг места по булевари и улици е бесплатно, но претпријатието прави анализи што понатаму. По анализата ќе има преструктуирање и ќе се испита плаќањето на паркингот – рече Касами.
Продолжува и анализата на инфраструктурните проекти кои сега се во застој.
– Комисијата што излезе на терен да ги преиспита инфраструктурните проекти кои се во тек, овие денови треба да има конечен извештај и според тоа ќе излеземе со посебна прес конференција на која ќе ги објавиме резултатите од таа анализа – објасни Касами.
Градоначалникот најави дека по утврдување на долгот на општината, на комуналните претријатија, училиштата и градинките, ќе ги објави податоците на веб страницата на општината и на јавни места.
Касами соопшти дека има пресуда од судот според која ќе се отстранат столбчињата со кои досега беше обележана велосипедска патека на булеварот Илинден. Според него, Општина Тетово нема пари за новогодишно украсување на градот и за организирање новогодишна прослава. Во четврток ќе се одржи и конститутивна седница на Советот на општината.