Во новото политбиро на Филипче само кадри „потковани“ во ергелата на Заев – ќе стори ли некој нешто да го запре ова пропаѓање на СДСМ?

Откако го видовме составот на новиот Извршен одбор на СДСМ, јасно е дека вистинскиот проблем на СДСМ е кланот Дубаи на чело со Зоран Заев и Венко Филипче и дека партијата неумитно и забрзано граби кон нови изборни порази и кон целосно маргинализирање на политичката сцена. Ќе стори ли некој нешто да го запре ова пропаѓање?

1,046

Дури и од Венко Филипче, кој остана сам откако целиот Извршен одбор на партијата се повлече и му даде одврзани раце да формира нов тим, очекував повеќе.

А умни и разумни луѓе упорно ме убедуваа дека Венко не може повеќе. Дури и да сака. Тој, не само што мора да избира кадри „потковани“ во ергелата на Зоран Заев, туку нема други – другите не сакаат со него да фаќаат работа.






Сите што го одбиле му соопштиле една тажна вистина – Венко, ти си проблемот на СДСМ и треба да си заминеш!

А јас, пак, од Филипче очекував макар еден добар потег. Ако ништо друго, барем својата нова екипа, таква каква што е, да ја избере на статутарен начин. А изгледа дека изборот на новото политбиро е спроведен нестатутарно.

Имено, познавачите ми велат дека според партискиот Статут, членовите на Извршниот одбор се избираат од членовите на Централниот одбор на партијата. Оние членови на ЦО кои поднеле оставки (а сега експресно станале членови на Извршниот одбор), може да ги избере само Конгресот. Или, Конгресот може да го овласти претседателот да го стори тоа во име на највисокото тело на партијата. А такво овластување немало …

Но, да не се занимаваме сега со статутарни прашања, во една партија во која тие одамна се сведени на ниво на небитни техникалии. Сакам да кажам, да видев барем еден добар потег на Филипче, барем еден мајсторски рез, барем два саглам лика покрај него, ќе речев – ете, има некаква надеж за СДСМ.

Ете, до толку сум наивен …

Нејсе, го видовме новиот состав на раководството на Бихаќка. И што да ви кажам освен – катастрофа!

Потпретседателка е безличната Јована Тренчевска, пратеничка и поранешна министерка за труд и социјална политика. Се „прослави“ со тоа што своевремено го врати на работа директорот на Центарот за социјална работа во Радовиш, Александар Филев, кадар на СДСМ, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога.

Потпретседател стана и лекарот Александар Трајановски, третиот човек од јахтата на Халкидики (покрај Филипче и Заев, кога го џиткаа сидрото да влече напред). Тоа е човекот што ги изгуби изборите во урбаната скопска општина Аеродром.

Избрани се истите генерални секретари.

Богданка Кузевска, таа што анализира и брои наслови на колумни по портали и глуми цензор, не се избира – таа е таму работно ангажирана и во овој нов состав, богами, ќе ни изгледа дури и како пријатно освежување.

Хит на преодната сезона сепак е Ана Чупевска – таа триумфално се враќа во врвот, како шефица на новооформениот Совет на партијата. Филипче не може да ѝ го заборави тоа што катастрофалниот пораз на СДСМ на изборите таа го прогласи за добар резултат.

Во Извршниот одбор останува и Андреј Жерновски, поранешниот либералдемократ, кој по неговата куса и спорна дипломатска кариера, стана ударна тупаница на СДСМ.

Член на раководството сега е ликот Филип Андов со прекар Сокол, поранешен директор на затворот во Шуто Оризари. Крајно спорен тип. Тој и уште седум други вработени од затворот во Шутка во моментов се обвинети за овозможување спровод на осуденици за нивни приватни потреби.

На иста маса со Филипче ќе седи и Драган Крајовски, директор на затворот „Црн мост“ во Битола.

Порано во раководството на СДСМ се редеа универзитетски професори, бизнис менаџери и лекари, сега најпопуларни се директорите на затворите од времето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

Абе да не ги спремаат затворските ќелии за новите жители што се очекуваат?

Во врвот на СДСМ останува и Јон Фрчкоски. Не го коментирам од приватни причини. А и нема потреба, ионака „идеологот“ на СДСМ самиот стори доволно за да си го обели – образот.

Тука е и Агрон Демири, кадар од „старото“ СДСМ, човек кој на парламентарните избори, како втор на листата на СДСМ во Шестата изборна единица, не успеа да стане пратеник.

Фани Каранфиловска Пановска ќе си остане заменик-претседателка, бидејќи таа беше избрана од Конгресот и нејзината оставка само тоа тело може да ја констатира.

Има уште многу за коментирање, а уште повеќе за озборување. Ама ај да не претеруваме. Засега …

Крајно време е и јас да се помирам со очигледниот факт дека вистинскиот проблем на СДСМ е кланот Дубаи на чело со Зоран Заев и Венко Филипче. Не дека го немам кажано и напишано тоа многу пати, но ете, надежта последна умира …

И сега веќе и надежта умре. Беше во клиничка смрт, но сега умре конечно и дефинитивно, без право да воскресне.

А јас пак ќе бидам малку наивен, па ќе си дозволам уште еден апел до старите кадри на СДСМ, чии животни приказни и кариери сепак се поврзани и со нивното членство во оваа, некогаш славна партија.

Не ми е јасно како можат мирно и спокојно да го гледаат ова пропаѓање. Не чувствуваат ли обврска и да сторат нешто? Не чувствуваат ли порив да го кренат гласот?

До кога ќе молчат активните, а маргинализирани членови на таа партија, како Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, Петре Шилегов и Фатмир Битиќи, на пример?

До кога ќе молчат поранешните познати сдсмовци, како Никола Поповски, Зоран Јовановски, Гордан Георгиев, Софија Куновска, Емилијан Станковиќ, Игор Ивановски, Андреј Петров, Ивор Мицковски и многу други?

Нека не ми се лутат сите што ги спомнувам поименично, а нека не ми се лути и митологизираниот Бранко Црвенковски, што и него јавно ќе го прашам до кога мисли да дреме во улогата на сдсмовски Тутанкамон.

Ќе стори ли некој нешто, или сите заедно ќе дозволат СДСМ храбро да чекори кон нови избори и кон веќе извесното целосно маргинализирање на македонската политичка сцена?

Поврзани содржини