ВО НОВАТА ГОДИНА ПОДОБРИ И ПОТОЛЕРАНТНИ Да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот, порача Пендаровски

Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните - наведува претседателот Стево Пендаровски во новогодишната честитка до греаѓаните.

42

Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница, вели претседателот Стево Пендаровски во новогодишната честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.

Зад нас, како што посочува, е уште една тешка година во која немавме многу причини за радост и славење.






– Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните – наведува Пендаровски.

Според претседателот, низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња и не сме ги загубиле вербата и надежта.

– Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество  – порача Пендаровски.

Шефот на државата на граѓаните во новата 2024-та им посакува пред сè добро здравје и просперитет.

– Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо. И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина, истакнува претседателот Пендаровски во новогодишната честитка.

Поврзани содржини