ВОЈНИК ИМ ФРЛАЛ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ НА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ВО „ИДРИЗОВО“ Обвинителството побара мерка притвор
Настанот, според МВР, се случил вчера, кога полициски службеник за обезбедување на Казнено – поправната установа Затвор „Идризово“ забележал дека Е.С., вработен во Армијата, кој исто така вршел обезбедување на затворот, од една од кулите фрлил кеса со 10 мобилни телефони во дворот од затворот, која била подигната од еден од затворениците.
Обвинителството поведе постапка против 23-годишник, вработен во Армијата на Северна Македонија кој го обезбедувал затворот „Идризово“, под сомнеж дека ја злоупотребил службената положба бидејќи за затворениците обезбедил 10 мобилни телефони, информираа истражните органи. За вработениот во Армијата обвинителството бара да му се определи мерка притвор.
Настанот, според МВР, се случил вчера, кога полициски службеник за обезбедување на Казнено – поправната установа Затвор „Идризово“ забележал дека Е.С., вработен во Армијата, кој исто така вршел обезбедување на затворот, од една од кулите фрлил кеса со 10 мобилни телефони во дворот од затворот, која била подигната од еден од затворениците.
Согласно куќниот ред, во затворот се забранети мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.
„Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Во тоа време, околу пладне, била прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, а Е.С. бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект.
Од Обвинителството велат дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор.
И АРМ презеде мерки против професионалниот војник кој беше фатен како дава мобилни телефони на затвореници.
Во соопштението на АРМ се вели:
„Веднаш по дознавање на случајот за припадник на Армијата, кој како дел од составот кој е во поддршка на полицијата за обезбедување на КПУ-Затвор „Идризово“, е забележан како за време на извршување на должност фрлил мобилни телефони во дворот на затворот, од страна на Генералштабот се превземени сите потребни мерки согласно законските регулативи.
По евидентирање на случајот по хиерархијата на известување, од страна на Началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки.
Согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР.
По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка-престанок на работниот однос.
Генералштабот најостро ги осудува појавите за било каков облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш безкомромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи“, наведе АРМ.