ВОЈНИЦИТЕ ОСТАНУВААТ ДОМА Нема одлука да се пратат војници од АРМ во источниот блок на НАТО
Доколку донесеме одлука за праќање војници, јавноста ќе биде информирана, изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Досега не е донесена одлука за испраќање припадници на нашата Армија на територија на источниот блок на НАТО, а доколку биде донесена таква одлука, јавноста ќе биде информирана, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– Република Северна Македонија, која е членка на НАТО, е подготвена да го сподели товарот со останатите, но до овој момент немаме донесено конкретна одлука за тоа. Доколку донесеме, јавноста ќе биде информирана – изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Таа додаде дека македонската Армија има исклучително обучени и релативно добро опремени припадници, кои, доколку евентуално бидат испратени во ваков тип мисија, ќе бидат распоредени на соодветни места согласно стратегиите и развојните планови на НАТО.
Кон средина на годинава се очекува да стасаат во земјава лесните оклопни возила. Модернизацијата се одвива во неколку сегменти – дел се однесува на личното опремување на секој припадник, а дел на модернизација на телекомуникациските и системите на вооружување.