ВОЈНАТА МОЖЕ ДА ЗАВРШИ НА ТРИ НАЧИНИ Отцепување, преговори или враќање на Крим
Додека првото сценарио би било Путин да прогласи победа по анексијата на Донбас, втората можност би била Украините да пробаат да го нападнат полуостровот Крим за така да направат пресврт во војната. Третата можност би биле дипломатски преговори и враќање на состојбите од пред 24 февруари, објаснува поранешниот американски државен секретар.
Украинската криза може да заврши на три начини, изјави поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер за весникот „Спектатор“.
Според неговото мислење, првото сценарио подразбира руска контрола над поголемиот дел од Донбас, со неговиот главен индустриски и земјоделски регион и појас земја долж Црното Море, пренесува Б92.
– Ако Русија застане на сегашните позиции, тоа за неа ќе биде победа. Во тој случај, улогата на НАТО нема да биде пресудна како што претходно се мислеше – оценува Кисинџер, пренесува Спутник.
Друго сценарио, објаснува тој, би бил обид да се „истисне“ Русија од Крим, кој беше обединет со Русија многу пред почетокот на специјалната воена операција. Кисинџер смета дека ова сценарио може да доведе до ескалација на конфликтот. Ако продолжат воените операции, „ќе се зголеми ризикот Западот да се најде во војна со Русија“, посочи тој.
Третото сценарио, според дипломатот, предвидува враќање на ситуацијата до 24 февруари, односно до почетокот на специјалната операција.
– Нерешените прашања ќе се решаваат со преговори. Ситуацијата веројатно ќе биде замрзната уште некое време – заклучи поранешниот државен секретар на САД.
Кисинџер претходно изјави дека Украина треба да ѝ отстапи територија на Русија за да го прекине конфликтот.