Војната има лице, лузни, празнини, свежи гробови
И руски и украински деца вечерва ќе заспијат без приказна од татко им кој е на фронтот, а некои нема никогаш повеќе да го слушнат.
Ќе паднат неброени ракети на места на кои некои луѓе живееле и љубеле, ќе бидат избркани од домот да се всели таму лудилото, детства ќе прекинат во мирис на барут, младост ќе гине во калта на рововите затоа што големите играат војна. А за нив е игра. Нема луѓе и судбини ни во нивните ни ви туѓите. А од двете страни се наши. Обични луѓе кои следат наредни.
И руските и украинските војници дома ги чека некој, исто и руска и украинска ја стегаат градите дур ги гледа вестите, исто се тресе на ѕвонењето на телефонот побледена од страв од кобни вести… Исто и украински татко и руски крие солза додека можеби за последен пат го пушта синот во магла од лудило. И девoјката на рускиот и украинскиот војник ќе сонува сон во кој за двајцата е сама. И руски и украински деца вечерва ќе заспијат без приказна од татко им кој е на фронтот, а некои нема никогаш повеќе да го слушнат.
Некои од фронт ќе немаат каде да се вратат. Ветуваат дека се борат за својот дом уништувајќи го туѓиот. И другата страна ќе верува во истото. И ќе останат два дома разрушени, светови уништени, младости во цут скинати, празнини на семејни фотографии, деца кои кога ќе кажат “мама”, “тато” место љубов ќе почувствуваат болка… Ќе останат гробови. Чии? Па наши.
Погледни се во огледало. Не гледаш ништо друго освен гроб во некоја војна на лудоста. Истото го гледа во огледало и облечен народ во Украина и во Русија и во Америка и Кина и Конго и Аргентина и Норвешка и Нигерија. Статистика во грандиозните лудости на геополитиката. Над свежите гробови ќе останат само блиски да жалат, лудаците ќе останат во историските читанки како икони за некои наредни лудаци.
И оваа војна ќе заврши. Путин нема да пати, ни плати. Ни неговото семејство. Ни политичките пропагандисти, нит вештите кои со збор опиваат народ кој кога ќе се отрезни е веќе доцна, нема влакно да им фали ни на другите кои ја санкционираат Москва. Еден ден ќе решат дека доста е, ќе седнат во некоја палата и ќе потпишат договор.
Задоволни сите. Освен мртвите кои не им се знае гробот, инвалидите, оние што жалат по тие кои не се вратиле. И оние кои се вратиле како сенки, живи, а мртви од тоа што го виделе и преживеале.со нивна крв ќе потпишат мир кој е немир за жртвите. Нема мои во оваа војна на наши.