„ВОЈНАТА Е ЗАВРШЕНА, ИЗРАЕЛ НЕ УСПЕА!“ Иранскиот претседател прогласи триумф
Претседателот Пезешкијан нагласи дека израелските сили не успеале да ги остварат своите цели, уништување на објекти, попречување на нуклеарните истражувања и поттикнување социјални немири во Иран.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вечерва ѝ се обрати на нацијата и прогласи крај на 12-дневната војна која, како што истакна, била започната од страна на Израел. Обраќањето беше пренесувано на државната иранска телевизија, а во него Пезешкијан говореше за храброста на иранскиот народ, неуспехот на израелските цели и иднината на регионот.
– Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, чија решителност влегува во историјата, бевме сведоци на склучувањето на прекин на огнот и крајот на оваа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел – изјави Пезешкијан.
Претседателот нагласи дека израелските сили не успеале да ги остварат своите цели, уништување на објекти, попречување на нуклеарните истражувања и поттикнување социјални немири во Иран.
– Агресивниот непријател не успеа да ги постигне своите цели за уништување на објектите и нарушување на нуклеарните истражувања во Иран, предизвикувајќи социјални немири во Републиката – се наведува во транскриптот од говорот објавен од прес-службата на иранскиот претседател.
Пезешкијан подвлече дека иранските вооружени сили нанеле значителна штета на Израел во одмаздничките напади, испраќајќи силна порака до меѓународната заедница.
– Обемот на уништувањето во Израел како резултат на одмаздничките напади од страна на иранските вооружени сили му покажа на светот дека цената на оваа авантура против голема земја како Иран е ужасна – истакна тој.
Во обраќањето, иранскиот претседател изрази верба во мирна иднина и соживот меѓу државите во регионот, укажувајќи дека провокациите нема да ги нарушат историските врски меѓу народите.
– Нашата заедничка мудрост и разумност ќе ги уништат плановите на непријателите кои се обидуваат да посеат раздор меѓу нас – додаде Пезешкијан.
На крајот, Пезешкијан ги увери граѓаните дека државата ќе преземе сѐ што е потребно за обнова на оштетените објекти и поддршка на погодените семејства.
– Иранските државни служби ќе вложат максимални напори за обновување на нападнатите локации и за обезбедување помош на семејствата на жртвите и повредените – порача тој.