ВОЈНАТА Е ВО ГОЛЕМА МЕРА ЗАВРШЕНА Трамп не ја исклучува можноста САД да ја преземат нафтата на Иран
Според шефот на САД, војната со Иран е во голема мера завршена. Тој вели дека САД се „многу понапред“ од неговата првична проценка за временска рамка од четири до пет недели. Трамп не ја исклучува можноста СД да ја преземат иранската нафта велејќи дека „сигурно имало разговори за тоа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска за американската телевизија Си-Би-Ес-Њуз изјави дека смета оти војната со Иран е во голема мера завршена.
– Мислам дека војната е многу завршена, речиси целосно – рече Трамп во телефонско интервју, пренесе ДПА.
Трамп додаде дека САД се „многу понапред“ од неговата првична проценка за временска рамка од четири до пет недели.
– Тие немаат морнарица, немаат комуникации, немаат воздухопловни сили. Нивните ракети се сведени на поединечни истрели. Нивните дронови се разнесуваат насекаде, вклучително и нивните капацитети за производство на дронови. Ако погледнете, ним не им остана ништо. Нема ништо преостанато во воена смисла – рече тој.
Трамп исто така изјави дека, иако не сака во моментов да зборува за преземање на иранската нафта, не ја исклучува таа можност.
Првиот човек на САД наведе дека „сигурно имало разговори за тоа“, притоа споменувајќи го примерот на Венецуела, каде што САД во јануари спроведоа акција за апсење на лидерот на таа земја Николас Мадуро и оттогаш презедоа чекори за да ги обезбедат и искористат венецуелските нафтени резерви.
Во својот говор за состојбата на нацијата минатиот месец, шефот на САД изјави дека САД веќе добиле повеќе од 80 милиони барели нафта од Венецуела.
– Погледнете ја Венецуела. Луѓето размислуваа за тоа, но премногу е рано да се зборува за тоа – рече тој.
Преземањето на дел од иранската нафта би можело да ги наруши односите на САД со Кина, каде што оди околу 80 отсто од иранскиот извоз на сурова нафта, наведува Ен-Би-Си.
Трамп во разговорот се осврна и на други теми, вклучувајќи го и новиот врховен лидер на Иран. Тој го повтори незадоволството поради изборот на новиот врховен лидер на Иран по смртта на ајатолахот Али Хамнеи во воздушен напад на почетокот на војната.
Шиитските верски лидери го избраа неговиот 56-годишен син, Моџтаба Хамнеи, за наследник, за кого се смета дека е претставник на тврдата линија, пренесува Ен-Би-Си.
– Мислам дека направија голема грешка – рече Трамп за одлуката синот на Хамнеи да се постави на чело на Иран.
Израелските и американските сили го нападнаа Иран на крајот на февруари, таргетирајќи го политичкото и военото раководство на земјата, заедно со неговата противвоздушна одбрана, морнарицата, воздухопловните сили и другите воени капацитети.
Откако почнаа нападите, Трамп изјави дека очекува кампањата да трае четири до пет недели. На крајот на минатата недела, портпаролката на владата, Керолин Ливит, спомена период од четири до шест недели.