ВО МАРТ ЌЕ СЕ ВРАТИ ПРВИОТ ДЕЛ ОД СОЛИДАРНИОТ ДАНОК Државата треба да врати речиси 50 милиони евра

Во текот на 2023 година беа уплатени речиси 50 милиони евра од страна на 156 компании, а откако Уставен суд го поништи законот, државата доби обврска да ги врати парите.

0

Државата во текот на следниот месец треба да го исплати првиот дел од солидарниот данок што компаните во 2023 година го уплатија во согласност со Законот за данокот на солидарност.

Од Министерството за финансии за МИА велат дека процесот за враќање на средствата уплатени во согласност со Законот за солидарен данок е почнат.






– Донесен е правилник за изменување и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за враќање повеќе или погрешно наплатен данок и веќе е објавен во „Службен весник“. Компаниите треба да достават барање за поврат на средствата до Управата за јавни приходи – информираат од МФ.

Со Законот за данокот на солидарност беа опфатени компании што во текот на 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари и во согласност со Законот во буџетот во текот на 2023 година беа уплатени речиси 50 милиони евра од страна на 156 компании. По поништување на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да ги врати средствата што беа уплатени во буџетот по основ на Законот. Врз основа на оваа одлука на Уставниот суд, Министерството за финансии доби задолжение од Владата да пристапи заедно со компаниите кон утврдување модалитет за поврат на средствата, при што беше дефинирано повратот на средства да се изврши во две рати, односно во март 2026 година и во март 2027 година.

Поврзани содржини