ВО МАКЕДОНСКИТЕ ТЕАТРИ СЕ ИГРА ПРЕТСТАВАТА „КЛАТИ ВРАТА ЗЕМАЈ ПЛАТА“ Платите од 1.000 евра не можат да ги усреќат вистинските актери
„Сите го вперуваат прстот кон глумците, а не сфаќаат дека всушност проблемот е во системот. Јас сум целосно од страната на вработените и тврдам дека ниеден од актерите не седи дома по негова вина“, вели за Плусинфо министерот за култура Зоран Љутков.
„Со години чекав да ме повикаат за да играм во некоја претстава во мојот матичен театар во Скопје, а кога тоа не се случи, почнав да барам работа во странство. За сето тоа време, еве скоро 20 години, редовно добивам плата, иако немам одиграно ниту една претстава“.
Ова за Плусинфо го раскажува професионален актер, кој се води како вработен во еден скопски театар и добива редовна месечна плата од околу 900 евра, иако со години не се појавил на даските што живот значат.
– Работам секаде каде што ќе ме повикаат. Моментално работам и живеам во странство. Можам да се пофалам дека месечно играм најмалку во 10 театарски претстави. А за сето тоа време, за жал или за среќа, месечно добивам плата од театарот во Скопје, каде што веќе две децении немам ни влезено. Никогаш не сум одбил работа, а ако ми верувате, искрено се лутам поради ваквата неправда. Јас сум актер и живеам за публиката и за уметноста, а најмалку за парите. Подобро би ми било да добивам редовни театарски улоги за помала плата отколку да имам високи примања, а да немам улоги. Но, за жал, има колеги и колешки кои пливаат во истата каша, а кои се презадоволни. По цели денови си шетаат и си уживаат, а добиваат пристојна плата без да ја одработат. Голема неправда е, ама јас веќе се изморив од разни битки и веќе кревам раце, чекам пензија – ни раскажа актерот кој сакаше да остане анонимен.
Сите го вперуваат прстот кон глумците, а не сфаќаат дека всушност проблемот е во системот. Јас сум целосно на страната на вработените и тврдам дека ниеден од актерите не седи дома по негова вина.
На оваа тема разговаравме и со министерот за култура Зоран Љутков, кој и самиот е актер во Драмски театар. Тој одлучно е на страната на вработените и прстот го вперува кон минатата власт, која, како што вели, во најголем дел е одговорна за ваквиот апсурд во културата.
Тој објаснува дека најниската плата кај актерите изнесува 950 евра, а највисоката – 1.200 евра. На прашањето колку овие плати се заслужени. со оглед на тоа што театарските претстави и премиерите станаа реткост во земјава, тој вели дека проблемот лежи во прашањето колку тие плати се одработени, а не колку се заслужени.
– Кога ќе ја споредите платата од 27.000 денари што ја добиваа актерите во 2019 година со сегашната плата од 54.000 денари во време на висока инфлација, тогаш ќе сфатите дека глумците во моментов се помалку платени отколку што биле пред 5 години. Јас одговорно тврдам дека во моментов нема ниту еден актер кој добива пониска плата од 950 евра, но исто така нема ниту еден актер кој добива плата повисока од 1.200 евра и тој најчесто е актер-првенец, со многу освоени награди и признанија кои му се верифицираат во самата плата. Нема никаков сомнеж дека платите се потполно заслужени. Но, со оглед на тоа што имаме претерано слаба продукција, ретко се одржуваат театарски претстави, а уште поретко премиери, станува проблематично кога ќе се постави прашањето: „А дали платите им се целосно одработени?“. Велам дека станува проблематично, затоа што сите го вперуваат прстот кон глумците, а не сфаќаат дека всушност проблемот е во системот. Јас сум целосно на страната на вработените и тврдам дека ниеден од актерите не седи дома по своја вина – објаснува Љутков.
Министерот се присетува на периодот пред 2014 година, кога повеќето актери работеле за минимална плата, а постојано играле во театарски претстави.
– Тогаш никој не реагираше зошто е тоа така. Поголемиот дел од актерите добивавме минимална плата, а имавме огромна продукција. Се случуваше да одам на работа во 8 часот наутро, а дома да се вратам следното утро. Имавме многу работа, многу проби, многу претстави. И никој од нас не се жалеше. Такви сме ние актерите, немаме работно време и сакаме да си ја работиме својата работа. А сега, дојде ред да се нормализираат платите, но продукцијата пропадна. Сега актерите имаат плата, ама немаат работа – вели министерот.
Љутков го вперува прстот кон минатата власт, а како што ветува, ситуацијата наскоро драстично ќе се подобри.
– Дефинитивно, единствениот најголем виновник за ваквата состојба во културата е минатата власт. Преку колективниот договор, наместо платите да се обезбедуваат од буџетот, пред некоја година беше донесена одлука да се крати и од делот предвиден за програмата. А ако вие им определите буџет кој е 3 пати поголем од сегашниот кој изнесува 750 милиони денари, тогаш автоматски ќе се зголеми продукцијата и сите вработени ќе се вратат на работа. А тоа ќе го сториме многу брзо. Промена на буџетите мора да има ако сакаме да ја спасиме културата. Првиот чекор веќе го направивме, со тоа што обезбедивме 1 денар од акцизата за нафтата, а тоа значи дека дополнителни 400-500 милиони денари годишно ќе одат за капитални проекти во културата и планирано е продукцијата да се зголеми за 40%. Овие средства ќе се наменат исклучиво за програмски активности и капитални инвестиции во културата. Со тоа ќе обезбедиме нови 3 милијарди денари за културата во периодот 2025-2028 година – најавува Љутков.
Во Македонскиот народен театар (МНТ) имаме 50 вработени, но само 25 активно работат, а 25 воопшто не одат на работа. Што правиме во таква ситуација? Почетната плата во овој театар не е пониска од 60.000 денари.
И министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која деновиве гостуваше во поткастот на Плусинфо, ја посочи состојбата со платите во Министерството за култура како голем проблем во државата.
– Вработени во Министерството за култура имаат ненормално високи плати, многу повисоки дури и од министерските. А што е најтрагично, платите ги добиваат секој месец, а на работа не одат. Е па, нека ми простат, ама тоа не е фер. Има актери кои добиваат плати повисоки од 120.000 денари. Во Македонскиот народен театар (МНТ) имаме 50 вработени, но само 25 активно работат, а 25 воопшто не одат на работа. Што правиме во таква ситуација? Почетната плата во овој театар не е пониска од 60.000 денари. И тоа го дозволила претходната власт, а ние сега сме исправени пред огромни предизвици. Треба да бидеме фер и да ги исправиме неправдите. Ако продолжиме на овој начин, ние ќе имаме дел од администрацијата кој ќе биде во депресија. Не сметам дека културата е небитна работа, туку баш напротив, за мене културата е многу важна. Но, кај нас системот е комплетно уништен. Еве нека кажат колкава е посетеноста на театарските претстави, а и колку претстави се одигруваат неделно или месечно. Нема публика. И како јас да потпишам решение за изградба на нов театар? – рече министерката.