Во Македонија живеат 7 милиони Бугари и 1.073.299 Македонци

Не само што Бугарите можат да се внесат во Уставот, тие можат да се внесат и на концертот на „Дип Парпл“ во Скопје, што ќе се одржи на стадионот на АРМ, а притоа да се запази мерката за растојание од два метра. Бугарите на времето ќе ги збереше и во старата сала на МЗТ-Скопје, а ако не стоеше Бошко Луди пред врата, ќе можеа да влезат и во дискотеката „Хард Рок“.

3,329

Некој кажа дека во Македонија живеат 120.000 Бугари, а друг лицитираше дека се 200.000. Пописот откри дека всушност биле 3.504. Навистина не знам на што се должи огромната разлика во предвидувањата и во реалната слика на теренот, но резултатите од пописот, покрај другото, ни укажуваат дека во земјава како Македонци се изјасниле 1.073.299 од граѓаните. Во Македонија живеат и Албанци, Турци, Роми, Срби и Власи, ама Бугари баш и нема. Сакам да кажам нема многу.

Но, така не мисли поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која сподели со јавноста дека разговарала со претставниците на бугарските организации во Македонија, кои ѝ соопштиле дека резултатите се лажирани. Бидејќи располага со навистина чувствителни информации, Захариева на Фејсбук напиша и дека попишувачите не ги попишале Бугарите кои не живеат во Македонија.






Јас тоа го сфаќам како сериозен обид во пописот на населението во Македонија, да влезат и сите Бугари од Бугарија, заедно со два милиони Бугари кои живеат во земјите од Европската Унија. Па така ќе дојдеме до бројка од 7 милиони македонски Бугари, плус-минус 3.504.

Захариева тврди и дека 86.566 граѓани на Македонија добиле бугарско државјанство и тоа во последните 15 години. Јас познавам најмалку 100 наши сограѓани со извадени бугарски пасоши и знам дека сите тие на пописот се изјаснија како Македонци. Бројката на Захариева повеќе ја открива неуспешноста на бугарската политика кон Македонија, отколку вистинската бројка на Бугарите во Македонија.

Но и не е битно тоа. Мислам, навистина не е битно колку Бугари живеат во Македонија и дали има повеќе бугарски организации во земјава, од бројот на припадници на оваа етничка група. Небитно. Битно е што сега навистина нема проблем да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав. Тоа може да се направи и посебно за секој Бугар. По име и презиме.

Не само што Бугарите можат да се внесат во Уставот, тие можат да се внесат и на концертот на „Дип Парпл“ во Скопје, што ќе се одржи на стадионот на АРМ, а притоа да се запази мерката за растојание од два метра. Бугарите на времето ќе ги збереше и во старата сала на МЗТ Скопје, а ако не стоеше Бошко Луди пред врата, ќе можеа да влезат и во дискотеката „Хард Рок“.

Нормално дека се шегувам.

Бугарите се државјани на Република Македонија и затоа за ништо не се разликуваат од мене или од било кој друг жител на земјава. Тоа се наши сограѓани, роднини и браќа и можеби е време да се престане со нивната злоупотреба во политички цели.

Поврзани содржини