ВО МАКЕДОНИЈА ЖИВЕАТ 506 ЛИЦА СО ХИВ Пациентите сѐ уште се соочуваат со дискриминација, особено во здравствениот сектор

Според последните проценки за 2021 година, во Македонија со ХИВ живеат околу 500 лица од кои дијагностицирани се само 70 проценти. Ова во голема мера се должи на намалувањето на финансирањето на Програмата за ХИВ, поради што драстично се намалени активностите за превенција на ХИВ, како и нивниот опфат и квалитет, велат од Здружението „Заедно посилни“ по повод Светскиот ден за борба против СИДА

322

ХИВ-инфекцијата е една од сè уште активните пандемии, но светот бележи значителен напредок во намалувањето на бројот на нови инфекции и бројот на смртни случаи поради СИДА. Денес, со сигурност знаеме дека е возможно да се стави крај на епидемијата на овој вирус, а тоа е прифатено и како глобална цел до 2030 година.

Но, додека во светот се бележи значителен пад на новите инфекции со ХИВ и сè поголем број на луѓе кои се свесни дека го имаат вирусот и кои примаат антиретровирусна терапија, кај нас, според последните проценки за 2021 година, со ХИВ живеат околу 500 лица од кои дијагностицирани се само 70 проценти, велат од Здружението „Заедно посилни“ по повод Светскиот ден за борба против СИДА.






Според нив, ова во голема мера се должи на намалувањето на финансирањето на Програмата за ХИВ, поради што драстично се намалени активностите за превенција на ХИВ, како и нивниот опфат и квалитет.

Колку за илустрација, буџетот во 2018 година изнесуваше 95 милиони денари кога се лекуваа околу 200 пациенти, а моментално е предвидено да изнесува 90 милиони за 2024 година, кога се очекува дека на терапија ќе бидат повеќе од 430 пациенти. Оттука, очекуваме Владата да го исполни даденото ветување за зголемување од најмалку 10 милиони денари за програмите за превенција, за да се одржи превенцијата на минимално ниво, порачуваат тие додавајќи дека ако инвестираме повеќе во превенцијата и тестирањето, ќе откриеме повеќе луѓе што ја имаат инфекцијата, а не се свесни за тоа, па наместо 45 инфекции годишно, во следните неколку години би имале по 60 или 70 нови дијагнози.

„На краток рок тоа ќе повлече поголемо инвестирање во терапијата, затоа што таа ќе треба да се обезбеди за поголем број лица во годината. Но, веќе на среден рок, до 2030 година ќе ја имаме потиснато епидемијата, бројот на нови инфекции драстично ќе опадне, а со тоа и бројот на нови дијагнози. Истовремено, трошоците за лекување ќе се стабилизираат и постепено ќе почнат да опаѓаат. Со сегашниот тренд, во 2030 сѐ уште ќе имаме голем број нови инфекции и смртни случаи, а трошоците за лекување ќе продолжат да растат во недоглед“, изјави Елизабета Божиноска од Здружението ХЕРА.

Според Андреј Сених од здружението „Заедно посилни“, терапијата за ХИВ, која во земјава е бесплатна и достапна, е клучна за вирусот да се потисне до т.н. недетектабилно ниво, со што лицето со ХИВ може да функционира нормално, да има одлична здравствена состојба и да живее еднакво долго како и луѓето што немаат ХИВ.

„Иако поголемиот дел од пациентите денес примаат современи тераписки опции, во согласност со европските упатства за лекување на ХИВ-инфекцијата, сепак, околу 40 % примаат лек чија употреба веќе не се препорачува од Светската здравствена организација и другите меѓународни упатства, вели тој.

Исто така, луѓето со ХИВ и ден-денес се соочуваат со дискриминација, особено во здравствениот сектор. Здружението „Заедно посилни“, кое е дел од Платформата за ХИВ, понудило правна и психосоцијална поддршка на 28 лица во последните 2 години поради различни облици на дискриминација – речиси исклучиво во користењето на здравствена заштита. Станува збор за одбивање на здравствена услуга, откривање на медицински податоци пред трети лица, и навредлив и стигматизирачки однос во здравствена установа. Во два случаи, пациенти во болки биле вратени од универзитетска клиника или од приватна ординација само поради тоа што имаат ХИВ.

Платформата за ХИВ, која е сочинета од 14 граѓански организации, бара:

 

Владата да го зголеми инвестирањето во превенцијата, тестирањето и лекувањето на ХИВ на краток до среден рок, за да можеме да ставиме крај на епидемијата до 2030 година, да спречиме нови инфекции и смртни случаи, како и континуиран пораст на трошоците.

Очекуваме Собранието и Владата преку соодветните постапки да го зголемат буџетот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2024 г. за најмалку 10 милиони денари, согласно со уверувањата што ги добивме од Премиерот и Министерот за финансии пред неколку дена.

Ниту едно лице што живее со ХИВ да не биде одбиено од добивање здравствена услуга во ниту една ситуација и по ниту една основа.

„Јавното здравје е инвестиција, а не трошок, бидејќи здравјето е право, а не привилегија“, изјави Хајди Штерјова Симоновиќ од Здружението ХОПС.

 

Поврзани содржини