ВО МАКЕДОНИЈА ВРЕДИ ДА СЕ ИНВЕСТИРА И ДА СЕ ОСТАНЕ! Муцунски вели дека тоа е пораката од последниот извештај на „Фајненшл тајмс“
Според најновиот извештај на Фајненшл тајмс – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска на прес-конференција се осврнаа на последниот извештај на „Фајненшл тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
– Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на Фајненшл тајмс – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати – истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
– Тоа е порака до инвеститорите и до граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер – додаде Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот.
– Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст – заклучи министерот.
Директорот Димоски истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и за политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
– После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува fDi Intelligence, специјален истражувачки оддел на „Фајненшл тајмс“, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ – истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинска разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.