Во Македонија отпорот против мигранти е компактен

Во Македонија повторно се развлекува фељтонот на меѓупартиските обвинувања околу прифаќање на мигранти, овојпат од страна на опозициската СДСМ која се обидува да и подметне кукавичино јајце на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвува да отвори мигрантски собирни центри во државата. Пред неколку години во јавноста се пласираа тврдења со слични тонови, но во обратна насока.

136

Прашањата поврзани со мигрантите, нивната интеграција и протерувања на оние кои немаат регулиран престој, добиваат се позначајно место на агендата на ЕУ. Деновиве европските министри за миграција се согласија околу низа нови моменти за забрзување на промените во миграциската политика. Во средиштето на новите правила фокусот се става токму на создавање претпоставки за отворање на таканаречени центри за враќање на мигранти во земји надвор од ЕУ. Околу тоа наскоро се очекуваат и преговори во Европскиот парламент.

ЕУ презема чекори кон построга миграциска политика, но конечната одлука сè уште не е донесена. Во секој случај, европските министри за миграција ги усогласија ставовите, што отвора можности како за забрзана постапка на разгледување и третман на азилантските барања, така и за депортации на мигрантите надвор од границите на ЕУ.






Актуелниот претседавач со ЕУ, Данска, изрази задоволство бидејќи успеа да оствари една од зацртаните цели во текот на својот шестмесечен мандат, што сега резултира со постигната согласност во Унијата за промена на концептот на безбедни трети земји. Тоа, всушност, ќе им овозможи на ЕУ-членките да склучуваат договори за отворање мигрантски центри во безбедни земји надвор од ЕУ, беше соопштено по министерскиот состанок во Брисел.

Постигнатата согласност за новата регулатива за враќање им дава на земјите-членки зголемени овластувања за спроведување на протерувањата. Луѓето што престојуваат нелегално во ЕУ ќе имаат нови обврски да соработуваат со властите и би можеле да се соочат со подолги периоди на притвор и забрани за влез, доколку одбијат соработка.

Но, сепак, најголемата вест од Советот на министри е можноста за создавање и финансирање на центри за враќање во земји надвор од ЕУ. Луѓе што немаат право да останат во ЕУ ќе можат да бидат сместени во нив, додека чекаат да бидат испратени во нивната земја на потекло – или, во некои случаи, да останат трајно во земјите во кои ќе бидат инсталирани мигрантски центри.

Тројца од четворица нерегуларни мигранти во ЕУ, кои добиле одлука за враќање, наоѓаат разни начини да го продолжат својот престој на подрачјето на Унијата, наместо да се вратат дома. „Ова е целосно неприфатлива ситуација“, вели данскиот министер за мигрантски прашања, Расмус Стоклунд.

Предлогот наиде на остри критики од организациите за човекови права. „Амнести Интернешнл“ го нарекува предлогот „нова ниска точка“ во третманот на мигрантите од страна на ЕУ, нагласувајќи дека министрите на ЕУ предлагаат „невидено лишување од слобода, санкции и ерозија на правата врз основа на миграцискиот статус“. Организацијата предупредува дека моделот со центри за враќање ризикува да доведе до долгорочно лишување од слобода, преку депортирање на мигранти во земји каде што човековите права не можат да бидат гарантирани.

Зелената група во Европскиот парламент е исто така критична. Некои европратеници го нарекоа предлогот како „напуштање на нашите фундаментални вредности и човекови права“.

Според новите предлози, ЕУ-членки ќе можат да го применат концептот на три начини: доколку постои врска помеѓу барателот на азил и третата земја, ако лицето транзитирало низ земјата или ако постои договор што гарантира дека барањето за азил ќе биде разгледано таму. Европските министри за миграции го усвоија и првиот заеднички список на безбедни земји на потекло. Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис се на списокот, како и сите кандидатки за членство ЕУ, вклучувајќи ги, се разбира, и земјите од Западен Балкан.

Веќе се слушнаа низа предупредувања дека мастилото едвај стигнало да се исуши на контроверзниот пакт за миграција на ЕУ, пред членките да почнат да изработуваат нови предлози за уште построги мерки против мигрантите. Токму затоа „Тврдина Европа“ повеќе не функционира како некаков погрден и несоодветен израз во Брисел, кој треба да се одбегнува во политичката и јавна комуникација, туку сега веќе се наметнува и како претстојна цел.

Од друга страна, напоредно со заострувањето на антимигрантските тонови и расположенија, многумина продолжуваат да укажуваат дека функционална политика за интеграција на мигрантите е од суштинско значење за градење инклузивни, кохезивни и просперитетни општества. Многу искуства недвојбено укажуваат дека добро управувана интеграција им користи и на новодојдените мигранти и на поширокото население преку промовирање еднакви можности, намалување на нееднаквоста и зајакнување на довербата во јавните институции. Во спротивно, рестриктивниот пристап ризикува да го поткопа демократското учество и социјалната кохезија.

Имиграцијата на работници станува, всушност, сè поважно европско прашање во однос на задоволувањето на потребите на пазарот на трудот на ЕУ, во услови кога мобилноста на домашната работна сила не е доволна. Но, потребите од забрзување на пополнувањето на слободните работни места во повеќе бранши и сектори со мигрирање и привлекување работна сила надвор од ЕУ, во моментов е мошне отежнато поради долгите и компликувани процеси за издавање работни дозволи, како и различните бирократски барања и правила во одделни земји-членки.

Во исто време, според истражувањето направено од вашингтонската агенција „Пју рисрч“, граѓаните во повеќе ЕУ-членки, како, на пример, во Грција и Унгарија, се најнегативни во Европа кон доселувањето, при што 82 отсто од анкетираните Грци и 72 отсто од Унгарците што учествувале во испитувањето, се изјасниле дека нивните земји би требало да примаат помалку мигранти, или пак воопшто да не примаат доселеници.

И балканските земји, според примерот на актуелната меѓупартиска препирка во Македонија, го „наоѓаат“ своето место во тажната мигрантска приказна. Но, реалноста околу оваа проблематика на Балканот е најблаго речено поразителна. Пред извесно време беа објавени податоци дека Македонија,, на листата на Галуповиот индекс на прифаќање мигранти е на последното место од вкупно 145 рангирани земји во светот. Ништо подобро не стојат и другите балкански земји, кои исто така се рангирани на опашката на Галуповата табела, така што од 140-то до 144-то место се пласирани Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, а на претпоследно место, пред Македонија, е Унгарија, една од најтврдокорните антимигрантски ЕУ-членки.

Иселувањето и натмошното демографско празнење на Македонија продолжува, а напоредно на тоа болно созрева и прашањето како ќе се создаде млада популација што ќе стапи на општествената сцена како носител на идниот развој? Сосема е јасно, и ни најмалку не е дискутабилно, дека отпорот против мигранти во Македонија е компактен.

Мигрантите не се добредојдени и посакувани во Македонија. Но, и без оглед на нивните рути на движење кон Европа, мигрантите зазираат од неа.

 

Поврзани содржини