ВО „МАКЕДОНИЈА КАКО ДО СЕГА“ АРТАН СЕ БОГАТИ, БУЈАР ГО РАСПРОДАВА ИДЕНТИТЕТОТ, А СДСМ Е ИЗМЕЌАР Нека биде Македонија повторно твоја, порача Мицкоски
„Ахмети, Груби, Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ од државата направија сопствен вилает, на 24 април да ставиме крај на уништувањето на Македонија“, апелираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Босилово.
„На овие избори се одлучува дали Македонија ќе биде онаква каква што сакаат граѓаните да ја видат, или пак онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора – како до сега“.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето пред граѓаните на општина Босилово, во рамките на претседателската кампања.
Граѓаните избираат меѓу „Македонија горда, Македонија повторно твоја“ и „Како до сега“, држава во која СДСМ е „ништо повеќе од еден обичен измеќар на ДУИ, а државата, нашата Македонија, ја водат Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ, кои од Македонија направија сопствен вилает“, рече Мицкоски.
– Каков е принципот на „Македонија како до сега“? Тоа подразбира да продолжи Артан Груби да си ги мести тендерите, а членовите на негoвотo семејство да купуваат скапоцени, милионски имоти во центарот на поголемите градови низ Македонија, вклучително и во главниот град. „Македонија како до сега“, според методологија на Али Ахмети и Ковачевски, е Македонија во која Бујар Османи како министер за надворешни работи патува низ светот и го распродава македонскиот идентитет, небаре го наследил од неговиот дедо. „Македонија како до сега“ е методологија во која Али Ахмети ужива во својата хациенда во Зајас небаре е некој блискоисточен мултимилионски шеик и оттаму ја крои судбината на Македонија – рече Мицкоски.
Лидрот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека на овие избори граѓаните ќе одлучат дали ова трио ќе продолжи да ја уништува Македонија или пак ќе гласаат за Македонија да биде повторно горда.
– Затоа секој еден кои што ќе излезе на овие избори одлучува дали ова трио ќе продолжи како до сега да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда, онаква каква што сакаме да ја видиме, Македонија да биде повторно ваша. На 24 aприл бирате помеѓу Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова – рече Мицкоски.