ВО МАКЕДОНИЈА 650 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ ВЕШТАЧКИ КОЛКОВИ Во 2025 година имало вкупно 4.044 операции на колк и колено
Директорот на Фондот Сашо Клековски оцени дека земјава е солидна во замена на колкови, но, во однос на интервенции на замена на колена сѐ уште заостанува зад регионот.
Вештачки колкови чекаат повеќе од 650 пациенти, во три главни јавни здравствени установи има значителен пораст на бројот на интервенциите, а пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува – изјави генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешниот брифинг за новинарите.
Тој подвлече дека има значителен пораст на операциите на колк и колено. Вкупно 4.044 интервенции имало во 2025 година. За 9,9 проценти имало пораст, за периодот 2023-2025 година. Се работело за 14 опфатени јавни здравствени установи. Клековски истакна дека земјава е солидна во замена на колкови, но, во однос на интервенции на замена на колена сѐ уште заостанува зад регионот.
– Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клинички центар и ГОБ 8 Септември и понатамошен развој на коленската артропластика – нагласи Клековски.
Тој нагласи дека во анализата не се вклучени пациенти од приватните здравствени установи во земјава.
На новинарско прашање зошто се толку долги листите на чекање, Клековски одговори дека пациентите придонесуваат за тоа.
– Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото во 8 Септември и на Клинички, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некој кај кого можеби има слободен термин – одговори Клековски.