ВО ЛЕТО НЕМА ДА ИМА ГУЖВИ ВО ПАСОШКО Нашинците во странство во базни станици во 15 амбасади ќе вадат пасоши
Со ова се решава деценискиот проблем што го имаше нашата дијаспора, со вадењето и продолжувањето на пасош.
Земјава отвора базните и мобилните станици за изработка и достава на пасоши на нашите граѓани што живеат и работат во странство. Тие ќе се инсталираат во Минхен, Бон, Берлин, Брисел, Берн, Виена, Љубљана, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Торонто и Мелбурн. Инсталирањето на базните и мобилните станици се планира да заврши до крајот на октомври.
МНР има формирано пет тима, составени од вработени во министерството, кои ќе вршат обука и инсталација на базните и мобилните станици во амбасадите и конзулатите на Северна Македонија кои се мапирани дека се со најбројна популација и со најголеми потреби за овие услуги.
Ова денеска го соопштија министрите за надворешни и внатрешни работи Бујар османи и Оливер Спасовски.
Со ова како што рекоа се решава деценискиот проблем што го имаше нашата дијаспора, со продолжувањето и вадењето на пасоши.
-Досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а нашата анализа покажува дека во некои случаи постапката се одолговлекуваше и над шест месеци. Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани, така и за министерството. Со поставувањето на базните станици претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности, финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено, ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели – рече Османи.
Министерот за внатрешни работи, Спасовски рече дека ова е потврда дека Министерството за внатрешни работи е сервис на граѓаните.
– Со ова ќе се намалат и гужвите на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во нашата држава, бидејќи граѓаните истата услуга ќе ја добиваат во нашите конзулати во државите во кои престојуваат – рече Спасовски.