Носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за Куманово и актуелен претседавач на кумановскиот совет, Ивана Ѓорѓиевска, денеска ги претстави приоритетите од програмата на партијата.
– Ние се залагаме за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Заедно со градоначалникот Максим Димитриевски работиме на инклузија за сите лица и даваме финансиска поддршка на здруженија од овој тип. Општината спроведе и спроведува низа локални активности и мерки за подобрување на општата состојба на граѓаните и тоа: бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии, народна кујна, субвенционирање на трошоци за комунални услуги, обезбедување помош за домување на станбено необезбедени лица, еднократна финансиска помош за социјално најзагрозените, обезбедување социјални услуги преку програмата „општинско корисна работа“, социјална инклузија на децата – Роми во детските градинки, набавка на специјално возило за лица со попреченост – наведе Ѓорѓиевска.
Таа додаде дека нивна обврска како Општина е да создадат услови во кои сите ќе бидат слушнати, поддржани и вклучени.
– Создавање услови за целодневен престој за учениците со посебни потреби во училиштата. Нова спортска сала приспособена за лицата со попреченост. Инклузивен концепт – пристапни веб-страници, културни и спортски содржини, јавни простори и услуги без бариери. Пристапни рампи и пристапни санитарни јазли во сите училишта. Адаптирани тротоари за непречено движење на лицата со попреченост. Звучни семафори на клучни локации во централното градско подрачје. Тактилни патеки за лицата со оштетен вид кон институциите и кон јавните објекти. Пристапност во општинските згради, во јавните претпријатија и во градинките. Достапни автобуски постојки – со рампи, говорна најава и јасни ознаки. Вклучување пристапни автобуси со звучни апарати во јавниот превоз. Пристапност до културни и спортски објекти од јавен интерес. Поддршка за центри за социјализација и психолошка поддршка за лица со попреченост и за нивните семејства. Шелтер и советувалиште за жртвите на семејно насилство. Поддршка на програми за ресоцијализација за маргинализирани групи граѓани. Бесплатни активности за деца од социјално загрозени семејства (курсеви, спортски активности, екскурзии). Општинско-корисна работа – ангажман на невработените како асистенти во образованието и во грижата за старите лица – најави Ѓорѓиевска.
Таа е уверена дека заедно со граѓаните можат да изградат Куманово кое ќе биде пример за еднаквост и инклузија.